„Планот за раст донесе и финансиски инструменти во висина од шест милијарди евра – две милијарди во грантови и четири милијарди во поволни кредити коишто ќе ги гарантира Европската Унија“, рече премиерот во обраќањето пред почетокот на состанокот
Состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан, кој е посветен на Планот за раст на Европската Унија за регионот, ќе биде заокружен со усвојување заедничка декларација. Во неа, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски во краткото поздравно обраќање пред почетокот на состанокот, ќе бидат истакнати заложбите за спроведување на активностите од Планот.

Ковачевски истакна дека станува збор за исклучително важен состанок, на кој, покрај лидерите на земјите од Западен Балкан, присутни се и високи претставници на Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и на меѓународни финансиски институции.
Целта на состанокот, како што повтори премиерот, е да се разговара за Планот за раст на Западен Балкан, кој Ковачевски го оцени како „навистина конкретна акција на Европската Унија“ за зголемување на регионалната соработка помеѓу државите и нивни вклучување на заедничкиот европски пазар.
„Ќе усвоиме и заедничка декларација којашто ќе претставува заложба за спроведување на активностите коишто претставуваат прво реформи, второ зголемена заедничка соработка и трето спроведување на активностите од Планот за раст којшто ќе донесе и реформи и поврзување, меѓутоа ќе донесе и финансиски инструменти во висина од шест милијарди евра – две милијарди во грантови и четири милијарди во поволни кредити коишто ќе ги гарантира Европската Унија“,
рече Ковачевски пред почетокот на состанокот.
Како што додаде тој, веќе се разговара и за конкретни активности.
„А тоа е вклучување во СЕПА, односно укинување на голем број нетарифни бариери, воведување зелени линии помеѓу државите, со цел зголемување на трговијата, намалување на трговските бариери, зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и нивно побрзо вклучување во заедничкиот европски пазар пред формалното вклучување на државите во Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Разговорите во рамките на состанокот почнаа вчера со заедничка вечера на лидерите од земјите од Западен Балкан. Присутни се српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора, Милојко Спаиќ, на Косово, Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.
Физички на состанокот нема да биде присутна претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, која, како што рече Ковачевски, поради друг состанок на високо ниво во Сараево, ќе биде присутна преку видеоконференциска врска.
„Сите други лидери се присутни денеска во Скопје“,
рече Ковачевски во кусото поздравно обраќање пред почетокот на состанокот.

На средбата ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Дополнително, ќе присуствуваат и претставници од Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, УСАИД, Фондацијата отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет, како и повеќе меѓународни финансиски институции како што се Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Што предвидува Планот за раст на ЕУ
Четирите основни столба на кои ќе се базира Планот за раст се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција на државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент во вредност од шест милијарди евра неповратна поддршка за спроведување на основните и социо-економските реформи.
Како дел од овој План за раст, Еврокомисијата идентификуваше седум првични приоритетни области, кои ЕУ може да им ги понуди на земјите од Западен Балкан и кои ќе донесат значителни економски придобивки за регионот. Тие седум првични приоритетни области се слободното движење на стоки, слободно движење на услуги и работници, пристап до Единствената зона за плаќања во евра, интегрирање на превозот на патници, интегрирање на енергетските пазари, вклучување во дигиталниот единствен пазар и интеграција во индустриски синџири на снабдување.
За таа цел со Планот се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра концесиски заеми обезбедени од ЕУ.
Поддршката ќе биде обезбедена преку позајмици директно исплатени во националните буџети на партнерите од Западен Балкан. Од нив три милијарди евра ќе бидат ставени на располагање како директна поддршка за корисниците за да се забрза растот врз основа на клучните социо-економски реформи, а две милијарди евра грантови и една милијарда евра кредити ќе бидат наменети за поддршка на инфраструктурни инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Овие инвестиции ќе бидат наменети за транспортот, енергијата, дигиталната транзиција, образованието и развојот на вештини. Најмалку, 37 отсто од неповратната финансиска поддршка канализирана преку Инвестициската рамка треба да се однесува на проекти што ќе придонесат за остварување на климатските цели.
Според ЕК, овој План не е во спротивност со тековните процеси на пристапување и специфичните услови предвидени во тој процес, туку само ќе поттикне забрзување на усвојувањето и спроведувањето на европското законодавство.