Како што кажа германскиот претседател, не треба сами себе да се кочиме на патот за полноправно членство во ЕУ. Сите пратеници во Собранието им го должат тоа на граѓаните, не само на нашата генерација туку и на идните генерации, изјави денеска премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш ги повика сите политички партии и пратениците во Собранието да ги донесат одлуките „што се пред нас“ и кои ќе овозможат што побрзо зачленување на земјата во Европската Унија.
Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и неговите пораки, рече дека уште еднаш многу јасно беше кажано дека македонскиот јазик и идентитет „се добредојдени да го збогатат европското семејство, култура и идентитет“.
„Вчерашниот ден беше голем ден за нас, кој можеше пред само неколку месеци да претпостави дека германски претседател во говор пред Собранието ќе ги цитира и Блаже Коневски и Петре М. Андреевски. Сметам дека таа порака е многу силна за сите пратеници. И, како што кажа германскиот претседател, не треба сами себе да се кочиме на патот за полноправно членство во ЕУ. Сите пратеници во Собранието им го должат тоа на граѓаните, не само на нашата генерација туку и на идните генерации, бидејќи нашите идни генерации заслужуваат да живеат во европска држава, меѓутоа во својата држава, а не во туѓина. Мојата порака уште еднаш е дека сите политички партии и сите пратеници имаат обврска кон граѓаните да ги носат одлуките кои што се пред нас и кои што ќе ни овозможат што побрзо зачленување во Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Премиерот рече оти смета дека внесувањето на блокада без причина и сите оние „инсинуации и шпекулации и невистини што беа кажувани во текот на мај, јуни, јули, дека со прифаќањето на европскиот предлог од страна на Собранието и носењето на заклучоците ќе го доведе во прашање македонскиот јазик, идентитет и култура се покажале како апсолутни невистини. Притоа тој се надоврза на потпишувањето на договорот со Фронтекс на македонски јазик.
„Сите видовте дека во Грција е регистрирана установа за македонски јазик. Ако се вратиме на Договорот со Фронтекс првпат имаме договор потпишан од сите 27 земји-членки каде што македонскиот јазик е без никакви додавки, придавки. И не само што е потпишан од сите земји членки туку кој можеше да замисли дека таков договор ќе биде одобрен и од Грција и од Бугарија. Со ова сакам да кажам дека добрососедските односи се тие кои што се врвен приоритет во Европската Унија и таа почива на добрососедски односи, а не на лошососедски односи и затоа сметам дека сите политичари во државата треба пред се да ја имаат визијата за европска напредна Северна Македонија, а потоа нивните лични политички кариери и нивните лични политички агенди од кои никој нема никакво фајде во државата бидејќи тие агенди ги гледавме 11 години во државава и кои не донесоа ништо добро“,
подвлече Ковачевски.