Мандатарот за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, во интерјву за МИА, прашан дали има незаменливи министри, кои ќе останат и во новата Влада, одговори дека секој е заменлив.
„Особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата. Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно“,
кажа Ковачевски.
Тој вели дека примарен фокус во следните три месеци ќе биде ставен на одговор на енергетската криза која е резултат на глобалните движења и дека за тоа веќе има подготвен план.
Ковачевски во интервјуто за МИА изрази очекување дека со новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18 јануари најави посета на земјава, ќе изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво.