Премиерот во својата честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа порача дека македонскиот јазик е рамноправно признаен меѓу европските јазици, а на земјава, како успешен модел на мултиетничка држава, местото ѝ е во Европската Унија
Им се поклонуваме на борците кои ги положија животите за пораз на фашизмот, од чии рушевини е изнедрена македонската државност, се вели во пораката со која премиерот Димитар Ковачевски во име на Владата и во свое име го честита 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Им оддаваме почит и на сите што придонесоа за големата европска идеја и изградбата на Европската Унија. Нашата држава секогаш преку дела е на вистинската страна на историјата. Беше на бојните полиња во Втората светска војна, меѓу прогресивните антифашистички сили. Е и денес, рамо до рамо во НАТО и со државите членки на Европската Унија, во одбраната на мирот“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Ковачевски во честитката вели дека С Македонија е на патот на напредокот – наш аманет од партизаните.
„Нашиот македонски јазик е рамноправно признаен меѓу европските јазици и како успешен модел на мултиетничка држава, дом на сите граѓани, како што е Европа, местото на Северна Македонија е во ЕУ“,
порача премиерот.
Владата денеска организира свечено одбележување на 9 Мај, како значаен датум за Република Северна Македонија и за Европската Унија.
По тој повод, делегација на Владата, во чиј состав беа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование Јетон Шаќири положија цвеќе и оддаде почит пред споменик-обележјата на партизанските гробишта во Бутел.





На настанот,организиран со високи државни почести, во чест на загинатите борци во Народноослободителната борба (НОБ), положија цвеќе и оддадоа почит и делегација на Сојузот на борците од НОАВМ, делегација на Собранието, претставник на Кабинетот на претседателот на државата, делегација на Армијата и Министерството за одбрана, како и делегација на Град Скопје, делегација на дипломатскиот кор и претставници на политичките партии.