Албанскиот премиер Еди Рама рече дека вреди да се продолжи со Отворен Балкан кој, како што кажа, е доживотен процес, за разлика од Берлинскиот процес кој е отворен, но е доживотен. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, кажа дека Отворен Балкан и Берлинскиот процес се компатибилни бидејќи држави коишто се дел од Берлинскиот процес се дел и од Отворен Балкан кој, пак, се заснова на четирите слободи на кои почива Европската Унија
Отворен Балкан е компатибилен со Берлинскиот процес и треба да продолжи, порачаа денеска премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама одговарајќи на новинарско прашање дали вреди да продолжи процесот на Отворен Балкан кој вклучува три од шесте земји од Западен Балкан кои се дел од Берлинскиот процес.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека вреди да се продолжи со Отворен Балкан кој, како што кажа, е доживотен процес, за разлика од Берлинскиот процес кој е отворен, но е доживотен. Тој двата процеса ги спореди со локомотива и вагони.

„Значи, Берлинскиот процес е една локомотива којашто ги влече сите лидери од регионот на едно ново патување. Во меѓувреме се разбира, на крајот на краиштата, таа локомотива само малку ги менува односите, но процесот оди напред и ние нема што да очекуваме во однос на она што ние веќе го направивме, а со Берлинскиот процес само се зацврстува. Мислам дека Берлинскиот процес е отворен, ама не е доживотен, додека Отворен Балкан е навистина доживотен. Мислам дека ќе има подолг живот. Сепак, ова треба да го имаме предвид“,
нагласи премиерот Еди Рама.
Во одговор на истото прашање, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека Отворен Балкан и Берлинскиот процес се компатибилни бидејќи држави коишто се дел од Берлинскиот процес се дел и од Отворен Балкан, кој, пак, се базира на четирите слободи на кои почива Европската Унија.
„Доколку ги погледнете договорите коишто ги потпишавме на Берлинскиот процес тоа се идентични договори коишто веќе нашите три држави ги имаат потпишано и ратификувано. Берлинскиот процес е неповратен процес. Тоа е процес којшто води кон целосна интеграција на Западен Балкан во заедничкиот европски пазар. Основите на коишто почива Отворен Балкан се четирите слободи на коишто почива и ЕУ“, нагласи Ковачевски.

Фактот за развојот на Северна Македонија и Албанија, додаде премиерот, го покажува тоа што наредниот Самит на Западен Балкан ќе биде токму во Тирана, а договорите коишто беа потпишани во Берлин се депонирани во Северна Македонија.
„Вратете се 30 години наназад да видите од каде тргнаа и Северна Македонија – Македонија во тоа време и Албанија, а каде сме стасани сега после големите одлуки коишто ги донесовме. Во Албанија да се одржува самит на Западен Балкан сите земји, а во Северна Македонија, во нејзиното МНР, односно во нашето, да бидат депонирани договорите на шесте земји членки од Западен Балкан. Е тоа јас велам дека е успех“,
рече премиерот Ковачевски.