„Ќе следува реформа на правосудниот ситем и за тоа се потребни две третини. Реформа на обвинителскиот систем, повторно се потребни две третини. Реформа на децентралцизацијата, повторно две третини. Реформа на јавната администрација, повторно се потребни две третини. Доколку било која политичка партија поддршката на овие реформи ја условува со избори, тоа значи дека ние пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори“, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА
ВМРО-ДПМНЕ две години е политичка партија која ги блокира сите процеси во Собранието и тоа го прави затоа што смета дека на таој начин ќе добие политички поени, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА, а во контекст на вчерашната изјава на вицепремиерот Бојан Маричиќ дека е време да започнат разговори со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Опозициската партија експресно ја одби понудата, посочувајќи дека единствено за што може да разговараат со власта е организирањето на предвремени избори.

„Тоа е нивната политичка проценка. Доколку го погледнете носењето на законите во Собранието, изборот на уставни судии итн, тоа личи на се освен на политичка дебата во Собрание. Јас лично сум дел од дебатите во Собранието, каде што освен лични квалификации, па дури и за членови на семејство, едни ниски напади, не можете да чуете ништо подобро“,
вели Ковачевски.
Премиерот посочува дека уште на почетокот на скрининг-процесот со Европската Унија до ВМРО-ДПМНЕ била упатена покана да дадат свои експерти кои ќе учествуваат во преговарачките тимови кои се организираат од страна на Секретеријатот за европски прашања, предводени од вицепремиерот Маричиќ и така да бидат вклучени во процесот на преговори.
„Процесот на преговори е процес кој се води еднаш и кој завршува еднаш со членство во ЕУ. Тоа не е процес ниту на еден човек, ниту на една политичка партија, ниту на една Влада. Тоа е процес којшто ќе продолжи во текот на наредните, според наши проценки и според целта која сме ја задале во наредните 8 години, до 2030 година за да станеме членка на ЕУ“,
нагласува премиерот Ковачевски.
Тој вели дека уставните измени се само една од одлуките кои треба да ги донесе државата и за кои е потребно двотретинско мнозинство.
„После тоа (уставните измени н.з.) ќе следува реформа на правосудниот ситем и за тоа се потребни две третини. Реформа на обвинителскиот систем, повторно се потребни две третини. Реформа на децентралцизацијата, повторно две третини. Реформа на јавната администрација, повторно се потребни две третини. Доколку било која политичка партија поддршката на овие реформи ја условува со избори, тоа значи дека ние пред секоја реформа ќе треба да одиме на избори“,
вели премиерот.
Во тој конктекст Ковачевски апелира до сите опозициски партии дека процесот на европските интеграции е надпартиски процес во кој сите треба да учествуваат.
Политичката дебата може да се води на многу други теми и на тие други теми да се губат или освојуваат гласовите на граѓаните за било кои наредни редовни избори“, порачува премиерот во интервјуто.