Ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година, рече Ковачевски во интервју за Канал 5
Процесот на европско интегрирање и на нашата држава и на регионот нема алтернатива. Тоа им е јасно на сите. Зачленување во Европската Унија значи повисок животен стандард, економски просперитет, подобра социјална правда и врвно владеење на демократија и владеење на правото, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интеервју за Канал 5 телевизија
ВМРО-ДПМНЕ го кочи патот кон ЕУ
„Кој е тој кој го кочи тој пат на европското интегрирање на државата – тоа се истите тие кои го кочеа зачленувањето на државата во НАТО. Ние имавме влада на ВМРО-ДПМНЕ 11 години, кога немавме ниту еден исчекор, одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крајот имаме потешки и полоши решенија“,
посочи премиерот.
Според него, истото се случува и денес.
„Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО- ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Зошто? Заради едноставно политички причини и играње со емоциите на граѓаните преку воспоставување реторика којашто води кон минатото, а не води кон иднината. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок на државата е зачленување во ЕУ“,
оцени Ковачевски во интервјуто.
„По изборите јас ќе бидам мандатар“
Зборувајќи за претстојните парламентарни избори кои треба да се одржат идната година, Ковачевски нагласи дека СДСМ ќе има коалиција којашто сигурно ќе победи на изборите, а по изборите тој повторно ќе бил мандатар на владата, односно ќе бил претседател на проевропска влада.
Што се однесува до датумот на одржување на изборите, за СДСМ, како што рече премиерот, воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни.
„Бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година“,
рече Ковачевски.