„Вградени се трудот и работата на голем број лидери на државата од нејзиното осамостојување, од првиот претседател Киро Глигоров, премиерот Кљусев, преку претседателот Борис Трајковски, Црвенковски и другите премиери, министри и лидери на државата, сите вработени во институциите коишто работеа на подготовки на РСМ за отпочнување на преговорите.“, рече Ковачевски.
Премиерот Димитар Ковачевски во изјава пред влегнувањето на првата меѓувладина конференија во Европскиот совет рече дека ова е голем ден за Северна Македонија и оти за тоа заслужни се сите лидери на државата од осамостојувањето на државата, како и сите вработени во институциите на државата.
„Денес е голем и историски ден за Република Северна Македонија. После 17 години чекање, после 17 години носење на тешки, важни, значајни, патриотски одлуки Република Северна Македонија денес ги започнува преговорите за полноправно членство во ЕУ. Во овој голем ден вградена е работата, трудот на сите граѓани на државата без разлика на нивната етничка, верска или било каква друга припадност. Вградени се трудот и работата на голем број лидери на државата од нејзиното осамостојување, од првиот претседател Киро Глигоров, премиерот Кљусев, преку претседателот Борис Трајковски, Црвенковски и другите премиери, министри и лидери на државата, сите вработени во институциите коишто работеа на подготовки на РСМ за отпочнување на преговорите.“, рече Ковачевски.
Вели дека почетокот на преговорите се носи благодарение и на пратениците кои во саботата ги прифатија заклучоците за владината Информација за францускиот предлог.
„Ова е резултат и на големата одлука којашто граѓаните преку своите пратеници ја донесоа во изминатите денови, кадешто многу јасно кажавме дека ние сме држава којашто е Европа во мало и којашто цивилазициски, историски и на секој друг начин припаѓа во Европската Унија.“, вели премиерот.
Ковачевски повторно им честиташе на граѓаните на Албанија која заедно со нас ги почнува преговорите со ЕУ. Им се заблагодари на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка, Перт Фиала, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и лидерите на сите земји-членки на ЕУ.