Ковачевски смета дека е рано да се зборува за евентуален заеднички изборен настап со ДУИ на следните избори бидејќи очекува дека ќе се одржат во 2024 година
Односите со ДУИ можам да ги оценам како исклучително коректни, рече премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, додавајќи дека особено продуктиви и професионални релации има со министрите од оваа партија во Владата.
Прашан за мислењето на претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, дека СДСМ и Владата имаат сервилен однос кон ДУИ, Ковачевски рече дека тој (премиерот) не користи таква терминологија.
„Можам да кажам дека ДУИ во Владата има квалитетни министри и дури сега во оваа криза, со оглед на ресорите што ги покрива ДУИ, а кои се најмногу изложени на справување со кризата, сметам дека министрите кои ДУИ ги има предложено се навистина квалитетни… Сервилноста, јас не сум бил дел од владата на Никола Груевски, меѓутоа верувам дека таквиот начин на комуникација и таквиот начин на функционирање повеќе би наликувал на такво време, меѓутоа јас не сум бил дел од тоа време“,
вели Ковачевски.
Ковачевски смета дека е рано да се зборува за евентуален заеднички изборен настап со ДУИ на следните избори бидејќи очекува дека ќе се одржат во 2024 година.
„Изборите ќе бидат или на крајот на првиот квартал или почетокот на вториот квартал 2024 г. што значи дека имаме доволно време до тогаш. Она на што треба да се фокусираме во моментов е остварување на програмата на Владата, но пред сè сите заедно во општеството, тука не мислам само на владејачката коалиција која докажа дека е концепт што сака да ја види Северна Македонија во Европската Унија, туку и сите други кои треба да помогнат прво во оваа енергетска и економска криза со која се соочуваме преку одблокирање на Собранието и учество во обврските кои како држава ги имаме во однос на што побрзо зачленување во Европската Унија“,
вели тој.