Во своето обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), премиерот Ковачевски посочи дека согласно очекувањата на меѓународните финансиски институции за втората половина на годинава се предвидува стабилизирање на цените. Со стабилизирање на ценовните притисоци, додаде тој, со нормализирање на синџирите на снабдување, но и со спроведување на владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза
Владата најодговорно се справува со огромните економски и енергетски предизвици, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање за време на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ), кој се одржува на иницијатива на Министерството за финансии, а чии главни теми, меѓу другото, се макроекономските предизвици предизвикани од кризата, како да се остане конкурентен и отпорен и какви реформи се потребни за да се одржи растот.
Во обраќањето на отворањето на СЕФФ 22, Ковачевски истакна оти верува дека од него ќе произлезат сериозни препораки во однос на макроекономските предизвици во наредниот период и во креирањето на фискалната и монетарната политика.
„За Владата и Министерството за финансии ќе биде од исклучително значење да ги слушнеме вашите мислења, анализи, укажувања и препораки, чекор понатаму да ги примениме во креирање на идните политики. Владата најодговорно се справува со огромните економски и енергетски предизвици, како и со последиците од воената агресија врз Украина. Носиме тешки, принципиелни и пред се државнички одлуки за да ги заштитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи, како и ликвидноста на компаниите“,
рече Ковачевски.
Како клучни мерки кои Владата ги презеде и ги презема на среден и долг рок, премиерот ги посочи оние за заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани, задржување на ликвидноста на компаниите, мерките за одржлив економски раст, односно долгорочна поддршка на растот на производството и зголемување на инклузивноста.
„Третиот столб се фокусира на зголемување на бруто-инвестициите и тоа и на инвестициите кои се доминантно од државниот буџет, меѓутоа и на приватните и директните странски инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок“,
посочи премиерот.
Согласно овие приоритети, рече Ковачевски, во моментот се димензионира ребалансот на Буџетот за 2022, како соодветна реакција на новите геополитички случувања и нивниот ефект врз домашната и глобалната економија.
Дефинирани се, додаде тој, поволни извори на финансирање за одговор на кризата, истовремено внимавајќи на зачувување на фискалната одржливост, гарантирана е редовна исплата на платите, пензиите, социјалната помош, како и сервисирање на обврските на државата.
„Стапката на инфлација ја проектиравме на 7,2 проценти на годишно ниво, повторно во контекст на очекувањата за инфлациските движења во Еврозоната и калкулирајќи го ефектот на нивното прелевање кај нас. Согласно очекувањата на меѓународните финансиски институции за втората половина на годинава предвидуваме стабилизирање на цените. Со стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на снабдување, но и со спроведување на владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза“,
посочи Ковачевски.
Министерот за финансии, пак, Фатмир Бесими во обраќањето на почетокот на форумот нагласи дека очекува дискусии два дена и размена на искуства и се надева дека ќе се изнајдат и решенија.
Тој рече дека надева оти Форумот ќе даде решение како да се одржи растот во едно време на несигурност и криза предизвикана од, како што нагласи, двете години пандемија, а потоа и од војната во Украина. Знаеме, рече Бесими, дека кризата носи доста краткорочни предизвици, но, нагласи, фокусот треба да се задржи долгорочно и да се има визија за иднината.
„Сега условите се различни од гледна точка на меѓународниот пазар, цените на производите се прелеаја и во националните економии, а покрај повисоките цени не загрижуваат и други прашања, како трговијата и потрошувачката. Некои централни банки веќе најавија построги правила што значи дека и цените на финансискиот капитал ќе се зголемат“,
истакна Бесими.
На отворањето на Форумот, добитникот на Нобелова награда за економија, американскиот професор Пол Кругман осврнувајќи се на состојбите по кризата предизвикана од пандемијата, но и од војната во Украина, истакна дека се чувствуваат последиците од нив, но оти засега не може да се зборува дали земјите ќе бидат во рецесија, иако, нагласи сите ќе чувствуваат економска болка.
Според него, економиите постепено ќе се вратат во својата патека, иако тоа тешко се менаџира.
„Ако имате цврста контрола на економијата тогаш ова може да биде возможно. Но, најчесто немаме толку цврста контрола. Никој не знае колку се прегреани економиите, ниту колкав ќе биде ефектот на поцврстите монетарни политики. Без разлика дали технички ќе има или нема рецесија, сите ние ќе чувствуваме економска мака и болка. Но, има една добра вест. Нема никаков знак во податоците, барем оние кои јас ги разгледав, дека инфлацијата станала дел од нас и оти е вкоренета во глобалната економија“,
истакна нобеловецот Кругман.
Дводневната дебата на СЕФФ која е иницирана од Министерството за финансии, ќе се фокусира на четири столба: „Макроекономски предизвици во турбулентни времиња“, „Отпорност, конкурентност и регионална соработка“, „Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“, „После кризата – двигатели за одржлив раст“.