Недозволиво е со години проект да се реализира, тоа мора да го менуваме и го промениме. Затоа вчера бев на увид на градежните работи. Се гледа дека конечно нешто се работи, има напредок. Но, реков таму, ќе повторам и овде, роковите да се почитуваат и да се заврши целиот проект до јануари 2024 година, вели премиерот
Автопатот Кичево-Охрид ќе се заврши до јануари 2024 година. Овој проект е од важно државно значење, но особено е важен за охридскиот регион, за развој на туризмот и економијата, нагласи премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“, која вечерва се одржа во Охрид.
Според него автопатот Кичево –Охрид е пример за тоа дека наследените проблеми се одглавуваат.
„Недозволиво е со години проект да се реализира, тоа мора да го менуваме и го промениме. Затоа вчера бев на увид на градежните работи. Се гледа дека конечно нешто се работи, има напредок. Но, реков таму, ќе повторам и овде, роковите да се почитуваат и да се заврши целиот проект до јануари 2024 година“,
изјави премиерот.
Тој додаде дека туризмот како значајна гранка за Охрид може својот пик да го достигне само преку политиките на интеграција и соработка.
„Преку иницијативата Отворен Блакан и јакнењето на регионалната соработка дополнително го стимулираме туризмот и ги промовираме нашите национални богатства интересни за туристите“,
рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека со интегрирањето во Европската Унија ќе се овозможи на идните млади македонски генерации да им се обезбеди подобра иднина, да се развиваат и да создаваат подобро утре дома, а не во некоја туѓа земја.
„Многу сум горд, што можам да стојам вака пред вас, во градот на Свети-климентовиот прв Универзитет на Балканот, со крената глава и со задоволство од срцето да кажам: успеавме аманетот на нашите предци, на генерации наши синови и ќерки да го остваривме. Mакедонскиот јазик го обезбедивме во Европската унија, рамноправен и на ниво на сите јазици во Унијата, еднаш засекогаш. Македонскиот идентитет, посебност и култура се заштитени. И нема подобро место од македонскиот Ерусалим да се каже дека и Македонската православна црква – Охридската архиепископија е признаена. На следните генерации им оставаме чист пат и сите може да бидеме горди на тоа“,
нагласи Ковачевски.