На средбата била потврдена важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД
Северна Македонија постигна многу, важно е да продолжи на патот кон членство во Европската Унија, констатирале на денешната средба во Париз премиерот Димитар Ковачевски и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Ова е прва средба на Ковачевски со новоименуваниот помошник државен секретар, кој стапи на должност минатиот месец.
„На средбата, Ковачевски и О’Брајан го реафирмираа значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД. Покрај билатералните односи, на средбата се разговараше и за други актуелни теми за регионот и пошироко“,
соопшти владината прес-служба.
Премиерот Ковачевски го запозна помошникот секретар О’Брајан со најновите внатрешнополитички случувања во Северна Македонија и надворешнополитичките приоритети на Владата.
„Беше потврдена важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД“,
се вели во соопштението.
Помошникот државен секретар О’Брајан го реафирмира ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние што се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата. Го поздрави досега постигнатиот напредок на земјата во повеќе области и изрази очекување земјата да продолжи на патот на прогресот.