Овие активности се дел од активностите на Амбасадата и не се работело за некакво барање туку тоа е дел од работата на САД во справувањето со корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото, во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери, вели премиерот кој посочи дека во контекст на ова е и изјавата на министерот Османи дека сами сме барале да дојде американскиот тим

Премиерот Димитар Ковачевски не се сретнал со американскиот тим за санкции кој престојуваше во земјава и затоа, вели, не може да каже детали во однос на нивната работа. Исто така, за разлика од шефот на дипломатијата Бујар Османи, премиерот тврди дека Владата не ги повикала американските истражители.
„Прво, Владата немала никогаш донесено одлука ниту, пак, имало потреба за тоа да повикува истражители. Значи, не постои таква одлука“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ги повикала истражителите на САД, како што кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Дека Владата немала одлука да повика американски тим за санкции, вчера изјави и вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Шефот на дипломатијата, пак, во изјава на 7 декември коментирајќи го доаѓањето на тимот за санкции, рече дека ние самите сме барале соработката со САД да ја издигнеме на повисоко ниво, па во рамки на ова бил и ваквиот дополнителен механизам преку поддршка од страна американските експерти.
„Апсолутно го поздравуваме овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото. Веднаш штом го започнавме стратешкиот дијалог со САД во јуни, САД прво финансиски помагаше, додаде над 4 милиони евра само за прашањето на владеење на правото, еве сега продолжува со дополнителни механизми преку поддршка од страна на експерти, искористување на нивните механизми, санкционирање, јавно именување итн. И тоа е дел од тоа што ние го побаравме, кога имавме дилеми дали ќе почнат преговорите или не, јас стравував дека ќе останеме без таков мониторинг. Тогаш побаравме од САД дајте да ја издигнеме на повисоко ниво оваа соработка. Беше наше барање“,
изјави Османи.
Зборувајќи за ваквата изјава на министерот, премиерот денеска посочи дека доколку се погледне Стратегијата на САД за борба против корупцијата од 2021 таму многу јасно се наведени опасностите по економијата и по начинот на живот и начините како оваа држава се справува со корупцијата во својата држава, но и кај држави кои ги смета за свои стратешки партнери. Во рамки на тоа, вели Ковачевски, е и одговорот на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Односно дека ние имаме стратешки дијалог со САД во рамките на кој добиваме помош години наназад преку финансиска, материјална, кадровска помош во знаење во унапредувањето на нашите институции. Овие активности се дел од активностите на амбасадата и, како што кажа и вицепремиерката, не се работело за некакво барање туку дека тоа е дел од работата на САД во справувањето со корупцијата, унапредувањето на владеењето на правото, во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери“,
рече Ковачевски.