Во пресрет на вечерашниот протест, премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел предупреди дека вечерва на протестите се планира нешто што не доликува на земја членка на НАТО Алијансата и која претендира да стане земја членка на ЕУ
Ковачевски вели дека информациите ги добил од Министерството за внатрешни работи, а протестите пред Владата според него се организирани од политички партии кои јасно застанале против членството на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
„Република Северна Македонија е демократска држава која има најуредено законодавство и институции во однос на остварување на права на граѓаните по сите основи. Секој може да протестира. И јас сум протестирал. И кога требало да се бранат правата на студентите и кога требало да се бранат правата на професорите. Но, никогаш не се случило освен еднаш и сега вторпат да протестираат луѓе кои носат качулки, кои гаѓаат по полиција, да имаме повредени полицајци. Видовте вчера дека полицијата се повлече“
изјави премиерот Ковачевски

Протестите под мотото „Ултиматум? Не, благодарам“ и денеска продолжија пред Владата а за вечерва е најавен нов масовен протест кој ќе започне пред зградата на Владата по што ќе продолжи преку мостот Гоце Делчев а оттаму кон Министерството за надворешни работи и истиот се очекува да заврши пред Законодавниот дом.
Инаку на синоќешните протести, беа пробиени полициските огради пред Собранието и Владата при што според МВР биле повредени четворица полицајци и бил искршен прозорец на Владата.
„Околу 16.50 часот, пред Владата на РСМ, неколку лица го запалиле знамето на Европската Унија. Околу 19.35 часот дел од учесниците на протестот го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање на разни предмети и пиротехнички средства кон објектот на Владата, а дел од нив ја оштетиле и уништиле заштитната ограда. Околу 20.30 часот дел од учесниците на протестот се упатиле кон зградата на Собранието на РСМ каде фрлале со тврди предмети кон зградата на Собранието и кон полицискиот кордон, при што биле повредени четири полициски службеници кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош“
Стои во соопштението на Министерство за внатрешни работи
Осуда за синоќешните протести пристигна од партијата ДУИ од каде побараа итно престанување на како што кажаа обидите за дестабилизација на државата и поделеноста меѓу граѓаните чија цел е создавање на нови тензии
„Синоќешните слики на насилство, напаѓајќи ги институциите и органите на редот, јасно покажуваат дека организаторите и поддржувачите на насилните протести продолжуваат да негуваат деструктивни антиевропски цели, служејќи на тој начин на проруските политики за дестабилизација на земјата и регионот“
Соопштија од ДУИ