Одлуките потребни за европската интеграција и за добрососедските одлуки се двете теми на кои ќе се разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим на средбата, на која „ќе треба да се изнајде начин од нивна страна да ја поддржат оваа одлука, бидејќи таа е практично глас за нашата интеграција во Европската Унија“, изјави денеска од Братислава премиерот Димитар Ковачевски, по средбата со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Премиерот Димитар Ковачевски очекува на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се изнајде начин опозициската партија да ги поддржи одлуките потребни за европската интеграција на земјата.

Ковачевски во изјава за МИА, дадена во Братислава, каде што учествува на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“, повтори дека на средбата со лидерот на најголемата опозициска партија ќе се разговара за две работи – за одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи.
Одлуките за кои говори премиерот, иако не споменува експлицитно во изјавата, се однесуваат на поддршка за уставните измени со кои Бугарите и уште неколку народи треба да бидат вметнати во Преамбулата на Уставот.
„Тоа е нешто што ќе го разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим, бидејќи ќе биде средба на којашто ќе присуствуваат тимовите и ќе треба да се изнајде начин практично од нивна страна да ја поддржат оваа одлука, бидејќи оваа одлука е практично глас за нашата интеграција во ЕУ и не смее и не може да биде предмет на дневнополитички калкулации или на добивање политички поени. Иднината на граѓаните, на сегашните и на идните генерации е далеку позначајна од кариерата на кој било политичар и треба да се надминат и личните и идеолошките разлики во делот на носењето на ваквите одлуки, бидејќи ова е обврска на сите политички партии и на сите пратеници во Собранието“,
вели премиерот Ковачевски во изјавата дадена по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ковачевски вели дека е рационален оптимист и оти верува во остварување на целта – членство на С Македонија во Европската Унија.
Средбата, за која засега нема информација кога ќе се одржи, премиерот ја најави во саботата, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на скопскиот Клинички центар.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, два дена подоцна од партиска трибина во Делчево рече дека ќе оди на лидерската средба, но, како што додаде, нема голема надеж од таквиот состанок.
„Овие денови најавија лидерска средба. Немам, да бидам искрен, голема надеж, иако ќе присуствувам на средбата затоа што секогаш кога се разговара за иднината на Македонија, сметам дека е потребно да се учествува. Воедно на таа средба сакам премиерот да биде свесен за времето откако уставните промени ќе пропаднат“,
рече лидерот на најголемата опозициска партија.
Тој посочи дека никој не може да го убеди дека уставните измени сега се единственото решение, повторувајќи го ставот на партијата дека под вакви услови и околности ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, ниту сега ниту во иднина, без разлика дали партијата е на власт или не.
Поврзани вести:
- Предлог за уставни измени: По бошњачкиот, се додаваат бугарски, хрватски, црногорски и уште три други народи
- Во Собранието треба да почне процедура за уставни измени дури и да нема сигурни 80 пратеници, смета претседателот
- Џафери: Уставните измени не се невозможна мисија, но консензусот во целата процедура е неминовен
- Мицкоски: Без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ е власт или не, уставни измени под овие услови нема да има
- Пред да биде испратен во Владата, предлогот за уставните измени се разгледува во Министерството за правда