Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба потврдила дека нема ништо против уставните измени и оцени дека демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано јавно по таа средба би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница

Она што беше договорено и јавно кажано на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени сега треба да се примени, а не да се оди кон толкување што некој сакал да каже бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски додавајќи дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, треба да го почитува договорот од таа средба.
Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба потврдила дека нема ништо против уставните измени и оцени дека демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано јавно по таа средба би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница.
„Во текот на целиот изминат период тие обвинуваа дека со уставните измени и вклучувањето на други делови од народи во нашата Преамбула државата ќе била бугаризирана, асимилирана, ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот. Ние кажувавме и кажуваме дека тоа не точно, меѓутоа сега и ВМРО-ДПМНЕ, потврди на таа прес-конференција дека нема ништо против уставните измени“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешната посета на Богданци.
Тоа што беше кажано на прес-конференцијата, дополни премиерот, за СДСМ е прифатливо, како и за ДУИ и за другите партии во нашата коалиција, ЛДП, НСДП и ДОМ.
„Како државотворна партија која секогаш ги носела најтешките и најголемите одлуки за државата му даваме шанса на ВМРО-ДПМНЕ првпат да учествува во носење одлука од којашто зависи остварување стратешка цел за државата. Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, односно да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и искажано на прес-конференцијата сметам дека би било големо разочарување како за граѓаните, така и за меѓународната заедница која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ и до 2030 година да биде членка“,
изјави Ковачевски за прашањето кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.
На средбата, како што рече Ковачевски, се разговараше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да влезе и да биде дел од Владата, што ние прифативме, дека СДСМ е подготвено да отстапи 50 отсто од министерските места.
„ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов, Демократската унија за интеграција да не учествува во таа Влада, што јас го оценив како барање кое може да предизвика одредена политичка динамика, но ДУИ тоа го прифати експресно. За тоа дека може да предизвика политичка динамика потврдата дојде подоцна кога и Алијанса за Албанците и БЕСА кажаа дека тие нема да учествуваат во таква влада, како што беше побарано за ДУИ, но, тоа беше желба на ВМРО-ДПМНЕ, изразена преку нивниот претседател на партијата“,
рече Ковачевски.
Денеска од СДСМ го повикаа ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи за започнат со средби што е можно поскоро. Оттаму велат дека СДСМ веќе има предложено работна група од највисоки партиски претставници и дека сега на ред е ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак во денешното интервју за Дојче веле, вели дека СДСМ е потполно свесен за тоа што го понудил на лидерската средба, но упорната манипулација што се прави со изнесување неточни информации и импутирање зборови, Мицкоски вели дека практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата.
Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ чека одговор од СДСМ за тоа кој нивни предлог е прифатлив и нагласува дека непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме.