„Би искажал жалење за она што граѓаните го поминуваат. Мора да се биде реален. Не е едноставно да се нема патна исправа. Тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме. Бевме сведоци изминатите четири години, дел од политичарите кажуваа ’немојте да ги менувате документите, ќе го вратиме името’. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата и не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот. Таква изјава не слушнав“, вели лидерот на СДСМ
Нашите министри денеска на Влада ќе предложат решение со кое замената на возачките и сообраќајните дозволи до крајот на година ќе биде бесплатна, на трошок на државата, за да може и тој процес да се реализира како што треба. Се работи за голема операција за замена на личните документи, што произлегува од меѓународен договор, ратификуван во нашето Собрание, но и во собранието на Грција, врз основа на кој ние станавме земја членка на НАТО и врз основа на кој ги отпочнавме преговорите со Европската Унија.
Ова денеска на средба со Здружението на пензионерите го најави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, надевајќи се, како што рече, дека Министерството за внатрешни работи со сите свои управи, ќе успее да обезбедат навремено снабдување на обрасци за патните исправи, зашто и тоа е сложен процес, зашто тие не се произведуваат во нашата држава, туку во Германија.

„Би искажал жалење за она што граѓаните го поминуваат. Мора да се биде реален. Не е едноставно да се нема патна исправа. Тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме. Бевме сведоци изминатите четири години, дел од политичарите кажуваа ’немојте да ги менувате документите, ќе го вратиме името’. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата и не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот. Таква изјава не слушнав“,
рече тој.
На прашањето дека пет години молчеле, а вчера го смениле законот, Ковачевски вели дека тоа не е точно, зашто вчера истекол рокот, како и дека тој закон и да сменел месец, два дена порано, неговото важење би започнало вчера.
„Не би кажал дека се молчело. Врз основа на актуелната ситуација, кога се гледаат бројките на издадени документи, се прави пролонгирање да може тие да се користат во државата. Патна исправа за меѓународно движење не се издава заради институција или за државата, туку се издава заради патување во странство. А нивната важност е дефинирана во Меѓународен договор кој државата го има потпишано и ратификувано“,
додаде претседателот на СДСМ.
Според Ковачевски, досега се сменети над 1,2 милион патни исправи, над 550 илјади возачки и сообраќајни дозволи.
„Во текот на изминатите години имавме две години пандемија, која ги наруши каналите на снабдување и можноста за брзо издавање на документите. Она што е важно дека голем дел од патните исправи се заменети. Секое ширење на паника и давање на популистички изјави кои не се во насока на решавање на проблемот, туку за себе истакнување не носат ништо добро. Затоа вчера пратеничката група на СДСМ и претседателот на Собранието, кој е од нашата партија низ разговор со сите политички партии дојдоа до консензус дека треба да се продолжи рокот на важењето на личните документи кои се за внатрешна употреба“,
рече тој.
На прашањето кои се плановите на партијата и со која партија ќе коалицира на претстојните избори, Ковачевски рече дека СДСМ веќе ја привршува постапката за организирање на конгресите за избор на кандидат за претседател и за кандидати за пратеници.
„Како и на секои избори, СДСМ ќе настапи со својата коалиција составена од проевропски и прогресивни партии. Тоа ќе биде случај и на овие избори. Сигурно е дека СДСМ ќе оди заедно со коалицијата со која веќе имаме пратеници заедно во парламентот“,
рече Ковачевски.
На прашањето дали на листата ќе бидат вклучени и други политички партии кои во минатото не биле дел од коалицијата со која настапувале, Ковачевски вели дека тоа ќе зависи од одлуките на партија, но и на партиите кои би се приклучиле.
„Со ДИУ и Алијанса за Албанците сме во коалиција, владина коалиција постизборна коалиција, така планираме да продолжиме и во иднина после 8 мај, кога ќе извојуваме победа и кога повторно ќе ја предводиме проевропската коалиција со која до 2030 година ќе станеме земја членка на Европската унија. Но, дали на листите ќе бидеме предизборно заедно тоа се уште не е дефинирано и финализирано, со оглед на анализите кои се прават и во нашата и во другите партии. До пред крајот на овој месец ќе ги знаеме деталите. Конгресот ќе се одржи кон крајот на овој месец или на почеток на март, а после тоа веднаш ќе се одржи и конгресот за избор на кандидати за пратеници“,
рече лидерот на СДСМ.