Премиерот Ковачевски вели дека Халими е избрана од страна на Надзорниот одбор и врз основа на критериуми коишто ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги, а избрана е и врз основа на универзитетска диплома што таму ја има поднесено
Миликије Халими е назначена за генерална директорка на АД „Аеродроми на Северна Македонија“ во државна сопственост од страна на надзорниот одбор и е избрана врз основа на критериумите коишто ги има јавното претпријатие. Ова е одговорот кој премиерот Димитар Ковачевски го даде денеска како одговор на новинарско прашање за тоа по кои критериуми е направен изборот на Халими за директорка на „Аеродроми“.
„Таа е избрана од страна на надзорниот одбор и врз основа на критериуми коишто ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги, кое е сепак едно мало претпријатие. Избрана е и врз основа на универзитетска диплома што таму ја има поднесено“,
рече Ковачевски.
На следното прашање дека Халими сепак е предлог на Владата, Ковачевски одговори дека тоа е направено врз основа на универзитетска диплома која ја има, а која, како што рече, ја имаат и други функционери кои извршуваат пратенички функции.
На фејсбук-профилот на Миликије Халими може да се види дека во периодот од 2002 до 2006 година го студирала на Педагошкиот факултет во Скопје.
Миликије Халими, на функцијата доаѓа со одлука на Надзорниот одбор на претпријатието кое управува со двата аеродроми – скопскиот и охридскиот, во делот кој не е под концесија на ТАВ, како и со спортските аеродроми. Халими е назначена по препорака на Владата која го задолжи Надзорниот одбор да го разреши досегашниот директор Трајче Ангеловски.
На својот фејсбук-профил, таа се заблагодари на СДСМ за укажаната доверба да раководи со оваа институција и порача дека ќе се фокусира на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници, како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата.
По нејзиното назначување со реакција излегоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека именувањето на Халими на директорката функција спаѓа во рубриката „верувале или не“. Оттаму прашаа како поранешната градоначалничка на Арачиново од редовите на СДСМ стигнала до оваа позиција и кои се нејзините квалитети за токму таа да биде избрана. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека станува збор за некомпетентен кадар, а на одговорност го повикуваат и премиерот Ковачевски.
Халими, која на изборите во 2017 година стана првата жена градоначалник на Арачиново, по завршувањето на мандатот се вработи во Царинската управа. Таа го привлече вниманието на медиумите бидејќи за позицијата инспекторка во Царината конкурираше со завршено средно медицинско образование.
Халими на локалните избори во 2021 година се обиде да освои уште еден градоначалнички мандат како кандидатка на СДСМ, но беше поразена.