Премиерот Димитар Ковачевски говореше на отворањето на Конференцијата на НАТО за комуникатори, чиј домаќин оваа година е нашата земја
Во ерата на дезинформациите и хибридните напади токму стратегиските комуникации имаат најважна улога во борбата и доспеваат до точните и проверени информации до граѓаните наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв. Како членка на НАТО посветено придонесуваме кон колективната безбедност, но од комуникациите и од нашата отвореност зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини работиме секојдневно на зачувување на нивната безбедност, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Конференцијата на НАТО за комуникатори, чиј домаќин оваа година е нашата земја.
„Воената инвазија врз Украина од страна на Русија и огромниот наплив на дезинформации околу тоа ни покажа дека комуникациите можат да имаат сериозно разорно влијание и против таквото влијание мора да се бориме. Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна за што од сите нас има поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион“,
рече премиерот Ковачевски.

Тој потенцира дека комуникациите и информациската сфера не биле никогаш поважни за безбедноста и стабилноста и затоа борбата со дезинформациите е приоритет на кој се работи и меѓусекторски во Владата, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови.
„Само здружениот општествен пристап може да биде одговор бидејќи проблемот со хибридните дејствија е сложен и може да влијае врз целото општество“,
нагласи Ковачевски додавајќи дека точните и проверени информации кои се лесно достапни се ресурс во борбата против дезинформациите на дневно ниво, а воспоставениот стандард и репутација на отвореност и транспарентност помага во намалување на ширење на дезинформациите.

На Конференцијата во Скопје ќе учествуваат околу 300 лица. Ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.