Доколку има линеарно покачување, тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да може да земат пензија, вели Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека линеарното покачување кое го бараат пензионерите не е праведно затоа што пензијата е право остварено од работен однос.
„Во однос на барањето за линеарно зголемување, имаше и многу експерти кои дадоа објаснување, а тоа е дека пензијата е право од работен однос. Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете сега, тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж кои ги имал секој поединец и висината на уплатите која ја правел и тоа е уставна категорија. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците, државата дотира од изворните приходи на буџетот за да може тој да функционира непречено. Доколку има линеарно покачување, тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да може да земат пензија“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на компанијата „Дата мастерс“.
Тој појасни дека заедно со Сојузот на здруженијата на пензионерите, Партијата на пензионерите и сите други е направено системско решение врз основа на швајцарскиот модел, со што се овозможува зголемување на пензиите два пати годишно согласно со растот на трошоците за живот – инфлацијата и растот на просечната плата.
„Откога станав премиер, преку економско-социјален дијалог се дојде до ново решение за зголемување на пензиите. Ние за 1,5 година имаме 26 отсто зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9 000 денари, сега е 12 500 денари, а во септември ќе стане 13 000 денари. Ако просечната пензија беше 13 000 денари, сега е 19 000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение, кое е врз основа на швајцарски модел, кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите во согласност со растот на просечната плата и трошоците на живот“,
рече Ковачевски.
Пензионерите излегоа на протести и побараа линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18 000 денари.
За ова министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека работната група која би требало да се формира во најскор можен рок ќе работи на решавање на прашањето за минимална пензија, односно ќе се разгледува дали ќе се носи Закон или ќе има измени на Законот за пензиско за да се утврди износ на минимална пензија која не би ја довела во прашање сигурноста и стабилноста на Фондот за пензиско и државните капацитети.
Министерката вели дека барањето на пензионерите за минимална пензија од 18 000 денари е нереална сума, бидејќи во државата минималната плата изнесува 20 000. Вели, доколку се утврди минимална пензија од тој износ, тогаш Фондот за пензиско ќе биде оптоварен и можно е државата да се доведе во ситуација по неколку месеци да нема пари да ги исплати пензиите на сите 330 000 пензионери.