Одговарајќи на исто прашање како и нејзините колеги, Брнабиќ вели дека со нетрпение очекува да се воведе електронска идентификација за сите граѓани во Отворен Балкан што практично ќе овозможи да нема граници меѓу земјите од регионот
Очекувања дека регионот во 2023 ќе продолжи да покажува заедништво и солидарност, како и дека ќе се случат важни чекори кои ќе значат целосно нов почеток за Западен Балкан кој има што да им понуди на Европа и на светот, изразиле премиерите на Северна Македонија, Србија и Црна Гора – Димитар Ковачевски, Ана Брнабиќ и Дритан Абазовиќ, на прашање на српски „Танјуг“ како го гледаат регионот во 2023 година.
Во својот одговор, Ковачевски вели дека смета оти оваа година за Северна Македонија ќе биде подобра од 2022 година, но и за регионот, како и дека очекува со веќе докажаната и покажана солидарност, евентуално новите пречки да се надминуваат.
„Никој сам не може ништо, затоа ние секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност. Кога човек има пријатели и поддршка, и ако работи напорно, не постои недостижна цел“,
вели Ковачевски.
Премиерот потсетува дека сите ќе имаат корист од ефектите од заеднички вложениот труд и од реализираните проекти.
„Како резултат на многубројните договори и меморандуми во рамките на Отворениот Балкан, меѓусебната трговија расте, настапуваме заедно со нашата винска и туристичка понуда, поедноставувајќи го пристапот до пазарот на трудот. Очекувам дека тоа ќе биде мотив и други земји од регионот да се приклучат на иницијативата со која Западен Балкан станува европски и отворен во практична смисла на зборот“,
одговара Ковачевски.
За Отворен Балкан зборува и Брнабиќ која вели дека Србија ќе продолжи да биде длабоко посветена на оваа и на сите други регионални иницијативи и во оваа нова година.
„Со нетрпение очекувам да се воведе електронска идентификација за сите граѓани како дел од иницијативата Отворен Балкан – ИД картички, кои ќе ни овозможат да ги преминуваме границите без никакво задржување, практично да нема граници меѓу нас и да имаме непречен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги“,
рече Брнабиќ.
Абазовиќ, пак, во дел од одговорот наведува дека очекува сите во регионот да бидат помудри и посветени на пријателството и заедништвото, дека меѓусебно ќе се гледаат како пријатели кои ќе градат заедничка иднина за доброто на сите граѓани, а истовремено ќе го зголемат животниот стандард.