Премиерот и прв човек на СДСМ, Димитар Ковачевски на партиска трибина во Кавадарци рече дека поврзувањето со Европа е главен услов за модернизација на државата.
„Ако сакаме Македонците да имаат иднина, ако сакаме нашата земја да стане модерна, ако сакаме нашите граѓани да не останат гладни или смрзнати, тогаш ние мора да се поврземе со Европа. Поврзувањето со Европа, во денешни услови не е само прашање на удобност, на европски вредности, на реформи, пред сѐ е прашање на преживување“,
рече Ковачевски.
Додаде дека патот кон ЕУ нема да биде лесен и ги повика сите да се вклучат во остварување на оваа цел, но кажа дека големата награда е на крајот на тој пат.

„Нашиот народ да биде горд, со заштитено национално достоинство, со заштитен македонски идентитет, рамноправен со другите народи на ЕУ и побогат“,
рече Ковачевски.
Говорејќи за политиките кои СДСМ ги спроведува, рече дека тоа е партија кои носи државотворни одлуки за татковината и за народот.
„Тоа сме ние, тоа не одредува нас и тоа е значењето на овие четири букви. 31 година СДСМ е на вистинската страна на историјата. Така било, така и ќе биде, СДСМ е тука за граѓаните, за државата, СДСМ е тука за сегашноста, но и за иднината“,
рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на економската ситуација во Северна Македонија, премиерот и претседател на СДСМ рече дека со последниот пакет мерки државата поддржала 200 илјади граѓани.
„За овие 10 месеци откако ја предводам владата одвоивме над 760 милиони евра за два пакета мерки за помош на граѓаните и компаниите. Во споредба со земјите од регионот имаме најголем пакет на антикризни мерки, 5 отсто од БДП. Ова го потврди и Светска банка. Тоа значи дека 200.000 граѓани поддржуваме само со последниот пакет антикризни мерки“,
рече Ковачевски.

Според него, Владата уште од почетокот на мандатот покажала дека е посветена кон подобрување на животниот стандард. Како една од клучните одлуки го издвои зголемувањето на минималната плата на 18 илјади денари.
Тој додаде дека Владата уште од самиот старт покажа дека е посветена кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и во првите сто дена од мандатот ја зголеми минималната плата на 18 илјади денари.
„Пензиите за 6 месеци ги зголемивме за 10 отсто, со новата методологија што значи во март 2023 година ќе има ново покачување. Во календарска година пензиите да се зголемат пензиите за 16% досега се нема случено“,
рече Ковачевски.