„Има пратеници од политички партии во опозицијата кои наместо на страната на гласот на народот, застанаа во одбрана на Коцевски. Имајќи предвид дека довербата во обвинителството не е повеќе од 2-3 проценти, тогаш се поставува прашањето чиј глас го претставуваат бранејќи го Коцевски. Јас лично имам дилема дали е тоа морално или осмислена политичка стратегија?“, рече денеска премиерот во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање
Премиерот Христијан Мицкоски и денеска го повтори ставот дека на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за кого се води пастапка за разрешување, му била дадена шанса, но она што од него се видело изминатиот период не било ништо друго освен пресметки со неистомисленици во Обвинителството и последен браник за одговорноста на претходната власт.

Премиерот ова го кажа на денешната собраниска седница, на која на дневен ред беа пратенички прашања.
„Дадовме шанса што може да направат, дали може да излезат од таа политичка матрица во која се наоѓаат поединци, не сите. Не влеговме како другите влади од прв ден да се пресметуваме со обвинителот и да правиме маратонски седници и да менуваме закони. Рековме да оставиме простор, но освен внатрешна пресметка со неистомисленици во рамките на Обвинителството, која се случи како резултат на процеси во позадина, како исплатените дневници за поранешните специјални обвинители, друго ние не видовме. Друго беа изговори“, рече Мицкоски.
Говорејќи за состојбите во правосудството, премиерот кажа дека од неколку проценти доверба што ја имале граѓаните во судството и обвинителството, таа можеби сега и на ниво на, како што рече, негативна нула.
Во однос на постапката за разрешување на Коцевски, тој упати критики до опозицијата, која како што рече се одлучила да застане во негова одбрана, прашувајќи дали е тоа морален чин или осмислена политичка стратегија.
„Има пратеници од политички партии во опозицијата кои наместо на страната на гласот на народот, застанаа во одбрана на Коцевски. Имајќи предвид дека довербата во обвинителството не е повеќе од 2-3 проценти, тогаш се поставува прашањето чиј глас го претставуваат бранејќи го Коцевски. Јас лично имам дилема дали е тоа морално или осмислена политичка стратегија? Главните критики од извештајот на Европската комисија се во делот на владеење на правото, имплементација на реформи во правосудството, тогаш кого штитат? Каква е пораката што се испраќа? После се чудат зошто довербата кај граѓаните опаѓа и кај опозицијата“, рече Мицкоски.
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски што го подготви Министерството за правда во вторникот помина на владина седница, а во него се вели дека државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и требало да се изземе.
За предлогот на Владата сега свое мислење се очекува да даде Советот на јавни обвинители, кое има рок од 15 дена да го направи тоа.
Во Законот за јавно обвинителство се наведува дека ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена.
„Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија“, се вели во член 88 од Законот за јавно обвинителство.
За разрешувањето на државниот јавен обвинител последниот збор ќе го имаат пратениците, од каде за негова смена е потребен 61 глас во Собранието. На оваа седница, според законот, државниот јавен обвинител може да присуствува и на неа да се произнесе по предлог на Владата за негово разрешување.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување се бара минатата недела во изјава за медиумите рече дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен.

Сепак, вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители.
Во истата прилика тој изјави и дека доколку се утврди оти се исполнети условите за негово разрешување согласно Законот за јавни обвинители, во тој случај и самиот ќе се повлече, во спротивно, како што додаде, јавноста нека цени дали е разрешен законски или не.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење по владина иницијатива за разрешување. При избор на државен јавен обвинител, Владата може да избере кого ќе предложи до Собранието само од оние кандидати пријавени на конкурсот за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.
Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред една година, односно на 13 февруари 2024 година.