Предлогот на Советот со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење. Јавниот обвинител го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието. За да биде избран нов државен обвинител, треба пратеничка поддршка од 61 глас
Обвинителот во Републичкото обвинителство, Љупчо Коцевски, останува сам во трката за нов државен јавен обвинител. Советот на јавни обвинители денеска едногласно даде позитивно мислење единствено за него.
Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше поради нецелосно доставена документација.

Сега предлогот на Советот со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
Членовите на Советот денеска на седница, на која имаше само една точка, давање мислење за пријавените кандидати на огласот за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија, кажаа дека документацијата на Коцевски е комплетна и уредна.
Љупчо Коцевски во адвокатурата е 16 години. Во 2008 година е избран за обвинител во Вишо обвинителство во Гостивар. Во јануари 2022 година е унапреден во републичкото обвинителство.
Претседателката на Советот на ЈО, Душица Димитриеска, на почетокот информира дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува кон гласање.
Советот прво расправаше за кандидатот Љупчо Коцевски.
Членот на Советот, Иџет Мемети, рече дека во овој оглас има многу мал број кандидати, односно само двајца и посочи дека во сегашниот состав Советот пред една година го избрал Коцевски за јавен обвинител во ЈОРСМ.
„Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран, од причина, што мислам дека може да се носи со функцијата и дека може да ги сплотува состојбите во Обвинителството и тоа да може да работи“,
изјави Мемети.
Членот на Советот, Антонио Јолевски, за Коцевски рече дека покрај стручниот дел, се цени и делот на менаџерски и организациски способности.
„Таму ни треба комплетна личност што ќе може да одговори и Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран“,
изјави Јолевски.
Влатко Георгиевски, член на Советот рече, дека Коцевски, освен што ги извршува редовните обвинителски функции, раководител е и на одделение за метаподатоци, што е исклучително тешка и одговорна работа и е претседател на дисциплинска комисија и сето тоа зборува дека поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен.
„Од овие причини ќе го поддржам“,
изјави Георгиевски.
Претседателката на Советот, Димитриеска, рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.
„Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата“,
рече Димитриеска
Потоа, членовите на Советот кратко расправаа и за Лидија Раичевиќ, која е единствениот кандидат што доставил стратегија за работа на ЈОРСМ.
Антонио Јолевски рече дека Раичевиќ е кандидат од ОЈО Скопје и дека без да се впушта во оцена на нејзината обвинителска работата, во секој случај во делот на организаторските капацитети, посочи дека не смета дека може успешно да одговори.
„Не знам дали може целосно да одговори од организациски капацитет. Наспроти тоа, Коцевски има познавање на целокупната обвинителска мрежа. Освен во скопското Обвинителство, не знам колку ја познаваат и таа го познава работењето на другите обвинителства“,
рече Јолевски.
Иџет Мемети истакна дека додека за претходниот кандидат имал целосна увереност дека може да одговори, за Раичевиќ не е целосно уверен дека ќе може целосно да одговори, со оглед дека, како што рече, по затворање на огласот токму неа и „паднал” еден предмет во Кривичниот суд.
„Не сум целосно убеден дека има добри капацитети. Моето мислење ќе биде негативно, затоа што мислам дека нема да може да се постави и од аспект на организациски и од аспект на стручност“,
изјави Мемети.
На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати, како Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на должноста до завршување на изборот.
Според Законот за јавно обвинителство, за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата, со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.
Јавниот обвинител го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието. За да биде избран нов државен обвинител, треба пратеничка поддршка од 61 глас.
Доколку Коцевски не добие неопходно мнозинство, тогаш постапката се повторува и се распишува нов оглас.
Актуелниот државен обвинител Јовевски беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.