„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно законот. Доколку се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа доколку не се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или не“, изјави денеска државниот јавен обвинител прашан дали доколку не се докаже некаква сериозна дисциплинска повреда тоа ќе го толкува како политичка смена
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување се бара од страна на извршната власт, смета дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен.
Сепак, вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители кој, пак, има рок од 15 дена да одговори со мислење.
Во таа насока, републичкиот јавен обвинител денеска во изјави за медиумите наведе две опции доколку, како што кажа, се утврди дека дека се исполнети условите за негово разрешување согласно Законот за јавни обвинители. Рече дека во тој случај може да биде разрешен, а кажа дека во тој случај и самиот ќе се повлече.
„Доколку се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство јас ќе си ја преземам обврската и доколку се утврди дека се работи навистина за тешка дисциплинска повреда, како што е во Законот јас навистина ќе се повлечам“,
рече Коцевски одговарајќи на новинарско прашање по денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Во одговор на друго прашање во истиот контекст, околу предлогот за негово разрешување, односно дали доколку не се докаже некаква сериозна дисциплинска повреда тоа ќе го толкува како политичка смена, државниот јавен обвинител кажа:
„Па, одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно законот. Доколку се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа доколку не се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или не.“
Инаку, на денешната редовна седница Владата, како што најавено, треба да го разгледа предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски откако на седницата на 11 февруари таа го задолжи Министерството за правда да преземе активности и да поведе постапка за разрешување на Коцевски.
Прашан за повикот на премиерот Христијан Мицкоски самиот да се повлече од функцијата за да се скрати периодот од процедурата за избор на нов државен јавен обвинител, актуелниот Коцевски рече дека засега нема би ги коментирал политичките одлуки.
„Откако ќе го добијам предлогот од страна на Владата, да ги видиме основите коишто се предвидени во Законот за јавно обвинителство па потоа ќе се произнесам. Во однос на политичките одлуки засега не би коментирал“,
рече Коцевски.
Тој денеска повторно беше прашан и ги негираше наводите кои дојдоа од ВМРО-ДПМНЕ за наводен судир на интереси на Коцевски во врска со случаите на поранешниот врховен судија Наќе Георгиев и ексчленот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои се спогодија со Обвинителството откако беа фатени за примање мито.
„Ниту во тој предмет, ниту во други предмети сум немал никаков судри на интереси. Во однос на останатото што го споменавте и она што провејуваше во јавноста треба да се види по кои предмети сум постапувал незаконито за да се произнесам. Јас не одам на судења, не постапувам по предмети, така што главно ја вршам менаџерската работа и околу одредени работи кои што се предвидени согласно Законот за јавно обвинителство“,
рече Коцевски.
Во однос на критиките, кои исто така дојдоа од премиерот Христијан Мицкоски дека му било оставено доволно време да се покаже, државниот јавен обвинител чие разрешување се бара, одговарајќи на ова прашање, акцентот го стави на транспарентноста која, како што кажа, досега не била на нивото како што е сега.
„Во однос на транспарентноста во овие 30 години Јавното обвинителство е најтранспаретно од моето доаѓање. Што значи дека секојдневно, па еве и во овој момент јас како државен јавен обвинител сакам и постојано на медиумите им давам информации, во поглед на соопштенија. Минатата година имаме над 360 соопштенија, имаме стотици и стотици одговори на новинарски прашања. Токму транспарентноста е она основното од коешто тргнав, затоа што со транспарентноста ќе се зголеми отчетноста. Првпат во овие три години имавме три брифинзи, што никогаш не било, со тоа што и за секој предмет во интерес на јавноста ќе организирам брифинзи. Така што во однос на транспарентноста јас сметам дека нема апсолутно никакви услови за евентуална моја критика“,
изјави Коцевски.
За постапката околу предлогот за разрешување на Коцевски, денеска за појаснувања беше прашана претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.
Конкретно, новинарите од неа побараа коментар на изјавата на министерот за правда, Игор Филков дека ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, тоа не значи дека постапката е завршена, односно дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган.
„Јас не можам да коментирам изјави. Ние како совет доследно ќе ги примениме одредбите на Законот и ќе постапиме во рамките на нашите законски надлежности“,
рече таа по денешната седница.
Додека не дојде предлогот од Владата, не множам да се произнесам, беше нејзиниот одговор на прашањето дали смета дека Коцевски сторил тешка дисциплинска повреда, според она што досега е објавено во јавноста.
Идентичен беше и нејзиниот одговор на прашањето дали Советот на јавните обвинители е тој што ќе одлучува дали Коцевски сторил тешка дисциплинска повреда.
„Да го разгледаме првин предлогот, па потоа ќе видиме. Ќе се движиме во рамки на предлогот и онака како што пропишано во закон“,
кажа таа.
Дали потенцијалниот предлог од Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски би се сметал за уреден, ако Советот на јавни обвинители претходно даде негативно мислење, беше едно од прашањата на кои одговараше претседателот на Собранието, Африм Гаши во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчера вечер на МРТ 1.
„Ако до нас дојде иницијатива која е предложена од Владата, најверојатно ќе треба уште еднаш подетално да видиме, но ние се водиме по процедурите што ги имаме. Потоа, ако се изгласа и некој се повика на уставноста, тогаш Уставниот суд е надлежен да цени дали Собранието постапило согласно Уставот и законот. Ние не цениме уставност и уредност во процедурата“,
вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
Одлуката на Владата за иницирање постапка за разрешување на Коцевски уследи еден ден откако Советот на јавни обвинители на седница одржана на 10 февруари едногласно ја избра Наташа Крстевска-Цалева да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје. Таа на оваа позиција требаше го менува вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.
Токму изборот на нов виш јавен обвинител во Скопје, меѓу другото, беше споменат во образложението на Владата за поведената постапка за разрешување на Коцевски. Оттаму наведоа дека именување в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство незаконски и надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство. Дополнително, како аргумент го наведоа и последниот индекс на транспарентност, во кој, како што велат, четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството.
Коцевски демантираше дека незаконски постапил во постапката за избор на скопски виш јавен обвинител, посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
На денешната седница на Советот на јавните обвинители под точката „разно“ се најде дописот што обвинителката Наташа Крстевска-Цалева вчера го доставила до ова тело, а со кој бара да биде ослободена од обврската да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје.
Според претседателката на Советот на јавните обвинители, дописот на Крстевска-Цалева, во кој таа ги наведува причините за ваквото барање, бил краток. Имено, обвинителката навела дека бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител.
Членовите на Советот одлучија да го разгледаат барањето на Крстевска-Цалева и да донесат одлука на следната седница. Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски прашан за коментар на барањето на Крстевска-Цалева, рече дека таа била назначена на негов предлог сметајќи дека ќе придонесе за нормализирање на меѓучовечките односи во ВЈО Скопје кои, како што кажа, се нарушени.
Прашан дали можеби има други причини за нејзиното барање, како политички притисоци, Коцевски рече дека за нејзиниот допис дознал денеска на седницата и оти бил изненаден.
„Мене таа не ми има кажано ништо. Денеска дознав и бев изненаден”,
рече Коцевски.