Обвинителството за организиран криминал отвори предистрага против Костовски и уште три лица за пропаѓањето на Еуростандард банка
Бизнисменот Трифун Костовски тврди дека не добил никакво известување дека личните сметки му се блокирани, како и уделите во хартии од вредност, поради предистрагата која Обвинителството за организиран криминал ја води против него и уште три лица за пропаѓањето на Еуростандард банка.
Исто така, вели дека не знаел ни дека против него е отворена постапка.
Во изјава за Алсат-М, Косовски тврди се работи за 500 до 600 илјади евра, што според него не е доволно за покривање на долговите кон штедачите.
„Имам две стари возила кои се на мое име, стари по дваесет години. Тоа е мојот имот. Ако мојата куќа ги надополни потребите на штедачите, еве им ја давам, слободно. Јас ќе одам во некој дом и готово“,
вели Костовски и додава дека со замрзнувањето на она што заработил во изминатите 30 години сега останува речиси без пари.
„Јас мислам дека денеска ми се сопрени сите финансиски текови и мојот имот е замрзнат. Што знам дали и пензијата ќе ја добијам, ќе видиме, ќе проверам сега на први дали ќе добијам“,
додава Костовски.
Костовски барал средба со државниот обвинител, но сè уште не добил одговор.
И овој пат тој повтори дека зад затворањето на Еуростандард банка има и бизнис и политика.
„Имаме истражни органи, полиција, тие ќе стигнат до нив. Ако бидат толку слободни да ги изнесат на виделина кои се организаторите, бидејќи се многу блиски до власта“,
вели Костовски.
Тој најави дека ќе поведе и арбитрарна постапка пред судот во Париз за стопански криминал бидејќи, како што вели, иако банката имала лоши пласмани на заеми и кредити, не требало да се ликвидира, туку да се даде шанса менаџментот да се обиде да ја спаси од стечај.