Неговата реакција доаѓа откако вчера политичката партија Левица во соопштение објавено на нејзиниот официјален фејсбук-профил изнесе тврдење дека актуелната власта преку разни притисоци и „министерска логистика“ се обидува да го „вдоми“ Костадиновски како универзитетски професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип
„За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар. А, овие критериуми кои е лесно да се објективизираат секако не зависат од било кој политичар и неговите преференци!“, вели претседателот на Уставен во писмениот коментар на наводите на опозициската партија
Откако вчера политичката партија Левица, повикувајќи се на свои сознанија, обвини дека власта прави напори за, како што велат, вработување на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, денеска со коментар на ваквите наводи реагира Костадиновски, кој во писменото соопштение до медиумите вели оти му е жал што на неговиот професионален живот и лична кариера некој упорно им дава политичка димензија.

Претседателот на Уставен вели дека останува доследен на својот принципиелен став да не коментира ничии политички ставови изнесени во јавноста, но овојпат чувстува должност да го стори тоа бидејќи, како што вели, станува збор за лични дискфалификации и навреди.
„Чувствувам должност да констатирам дека за жал, на македонската политичка сцена сè уште опстојува примитивен политички менталитет. Истовремено сакам и да изразам жалење што на мојот професионален живот и лична кариера, некој упорно им дава политичка димензија“,
вели Костадиновски.
Прашањето каде по завршувањето на мандадот во Уставниот суд ќе ја продолжи својата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница, Костадиновски посочува дека е негов личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови за вршење одредена професија.
„За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар. А, овие критериуми кои е лесно да се објективизираат секако не зависат од било кој политичар и неговите преференци!“,
вели претседателот на Уставниот суд.

Неговата реакција доаѓа откако вчера политичката партија Левица во соопштение објавено на нејзиниот официјален фејсбук-профил изнесе тврдење дека актуелната власта преку разни притисоци и „министерска логистика“ се обидува да го „вдоми“ Костадиновски како универзитетски професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Од Левица велат дека иако премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања на 26 април, одговарајќи на прашање на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, рекол оти „не стои“ зад идното вработување на претседателот на Уставниот суд, според опозициската партија, фактите за брзо време го демантирале.
„Според потврдени информации со кои располага Левица, после неуспешниот обид за вдомување на актуелниот уставен судија Дарко Костадиновски на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, сега тој е цврсто решен – со владини притисоци и министерска вмровска логистика – да се вдоми како универзитетски професор на Правниот факултет при Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип. Ова се прави во брзање, со цел да се искористи стариот Закон за високо образование, кој нуди полабави услови за стекнување на насловни звања“,
велат од Левица.

Како аргумент тие посочуваат дека Универзитетскиот сенат на УГД, на својата 258. седница, одржана на 27 мај 2026, донел контроверзна одлука за изменување и дополнување на Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања (кој првично датира од 2018 год.), а со која наменски и тенденциозно се менува членот 19, став 2 од Правилникот.
„Па така, наместо како досега, Одлуката за покренување постапка за избор во звање да ја носи Наставно-научниот совет, врз основа на претходно утврдена реална потреба и поднесено барање од раководителот на соодветната катедра, сега вакво барање ќе може да поднесе деканот на факултетот, односно самиот ректор на Универзитетот!? Ова персонално ‘штимање’ се прави со проѕирна и перфидна цел, да се заобиколи досегашното оправдано противење на Катедрата за меѓународно право да распише наместен конкурс (кој му е ветен на Костадиновски од одредени структури на власта) – затоа што таа веќе располага со доволен број професори и асистенти и нема апсолутно никаква потреба од нов кадар на катедрата!“,
велат од Левица.
Нарекувајќи го омилен вмровски судија, од опозициската партија тврдат дека Костадиновски не ги исполнува условите за да биде вработен на УГД бидејќи, како што наведуваат, нема обезбедно соодветен број наставни часови, а дополнително и неговиот докторат од УКИМ бил од сферата на меѓународното право и меѓународните односи, додека тој наводно сакал да предава уставно право на штипскиот универзитет.
Инаку, деветгодишниот мандат на Костадиновски како судија во Уставниот суд му завршува во јануари 2027 година.
