Од друга страна, според претставниците на Синдикатот на културата (СКРМ), кои беа дел од дебатата со министерката, во законот за ситем на плати во јавниот сектор се предвидува запирање на растот на платите поврзан со покачувањето на минималната плата. Тоа, според претседателката на Синдикатот, Вера Атанасовска, значи укинување на колективниот договор
Колективниот договор нема да биде раскинат, уверува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на ТВ Телма, велејќи дека не оди против вработените во сопствениот сектор. Колективниот договор како и Синдикатот, додаде таа, ќе бидат испочитувани и поддржани од Министерството за култура и внимателно чуени за нивните барања и предлози.
„Навистина, ја одбивам перцепцијата во јавноста дека се прави одреден притисок за да се укине колективниот договор ниту, пак, Синдикатот. Уште на првиот состанок со синдикатите јасно им кажав дека јас колективниот договор нема да го раскинам. Не одам против вработените во сопствениот сектор и колективниот договор нема да го раскинам бидејќи тоа е право што го добиле после 15 или 20 години“,
вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Од друга страна, според претставниците на Синдикатот на културата (СКРМ), кои беа дел од дебатата со министерката, во законот за ситем на плати во јавниот сектор се предвидува запирање на растот на платите поврзан со покачувањето на минималната плата. Тоа, според претседателката на Синдикатот, Вера Атанасовска, значи укинување на колективниот договор.
„Никаде во овој закон немаме определено како ќе растат платите, како Синдикатот ќе биде вклучен во тоа договарање на висината на платите. Тука државата се поставува во позиција на максимална моќ над работниците. Значи, државата е таа којашто го определува бодот, Собранието поточно, Министерството за финансии ги кажува приоритетите, кој каква плата, какви додатоци на плата ќе земе, и дали има финансиски средства за тоа. Во истиот овој закон дури и додатоците на плата зависат од тоа дали има обебзедено финансиски средства, и доколку нема истите може да се добијат во наредната фискална година“,
вели Атанасовска.
Од Синдикатот упатија критика до министерката дека и две години по потпишувањето на колективниот договор, во Буџетот не биле испланирани средства за предвидените покачувања.
„Ако веќе потпишувате колективен договор, и стоите цврсто зад тоа, вие уште во првата година ќе испланирате во Буџетот покачување на платите на вработените, а не веќе третата година“,
порача Ивица Димитриевиќ од СКРМ.
Според Костадиновска-Стојчевска, пак, колективниот договор бил потпишан во декември 2019 година, кога веќе бил изгласан во Собранието, но прашањето зошто наредната година не биле предвидени средствата во буџетот го упати Синдикатот одговорот да го бара кај некој друг.
Инаку, од Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) деновиве излегоа со реакција по повод предлог-законот за плати во јавниот сектор, при што сметаат дека со него се става крај на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог.