Може да седнеме и да се договориме да помогнеме околу завршување на реконструкцијата. Бевме со министерот за локална самоуправа на состанок со градоначалничката каде таа се согласи дека ќе направиме промена на инвеститор, односно Министерство за култура ќе се јави како инвеститор, ќе ја изградиме Универзална сала и потоа повторно ќе ја вратиме на Град Скопје, вели министерката
Веќе 3 месеци чекаме Град Скопје да одговори, да ни достави состојба, што е направено во Универзална сала, но одговор од градоначалничката се уште нема, нагласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вечерашното гостување во вестите на ТВ Сител.
„И предложивме на градоначалничката Данела Арсовска да и помогнеме околу реконструкцијата. Универзална сала заедно со уште пет други институции во 2005 или 2006 година го поминале тој процес на децентрализација и станале надлежност на Град Скопје. Може да седнеме и да се договориме да помогнеме околу завршување на реконструкцијата. Бевме со министерот за локална самоуправа на состанок со градоначалничката каде таа се согласи дека ќе направиме промена на инвеститор, односно Министерство за култура ќе се јави како инвеститор, ќе ја изградиме Универзална сала и потоа повторно ќе ја вратиме на Град Скопје бидејќи не може да правиме процес кој е обратен на децентрализација“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Но, додава таа, градоначалничката треба прво да ни даде состојба, да ни каже што е воопшто направено, бидејќи таму има некаква работа, но долго време е застаната.
„Нешто е изведувано, треба да знаеме дали е прва фаза, дали е таа завршена. Процедурата ја почнавме пред три месеци, но досега немаме добиено никаков повратен одговор“,
рече министерката.
Костадиновска-Стојчевска упати апел до градоначалничката и советот на Град Скопје да излезат во пресрет, бидејќи Скопје е влезено во потесен избор да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.
„Ние сакаме само да помогнеме за Универзална сала, парите стојат на сметка, направени се сите проверки што требаше да се направат од ИЗИС дека е стабилен, тоа е проект поголем од било чие инаетење“,
нагласи министерката Костадиновска-Стојчевска.
На крајот на минатата година, кога министерката го презентираше буџетот за 2023 година, рече дека како Министерство се подготвени да влезат во таа апликација и во структуирањето на програма со сите свои ресурси.
„За ова се одредени средства не само од буџетот на Министерство за култура, туку и на владино ниво. Така да ова е навистина значаен национален проект за нас како држава. Затоа апелирам да се реши статусот на Универзална сала, ние настапивме, понудивме помош, сега на ред е Град Скопје. Исто така, во најкус можен рок, после празниците, ќе имаме состанок повторно со градоначалничката Данела Арсовска токму по ова прашање. Мораме заедно да ја работиме културната програма за оваа значајна номинација“,
додаде тогаш министерката.