По успешната реституција на 20-те икони, во Албанија се идентификувани уште 37 за кои ќе следува процес на реституција, а искуството од овој процес уверува дека постапката нема да трае десет години, нагласи министерката за култура

Со ратификација во двете држави на договорот за враќање на незаконски изнесените икони од земјава, кој вчера го потпишаа Албанија и Северна Македонија, се враќаат 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата. Со договорот се отвора процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани неодамна.
„По успешната реституција на 20-те икони, во Албанија се идентификувани уште 37 за кои ќе следува процес на реституција, а искуството од овој процес уверува дека постапката нема да трае десет години“,
рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција што ја одржа заедно со историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ.
Костадиновска-Стојчевска напомена дека овој процес има посакуван епилог благодарејќи и на професионалноста во почитувањето на одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година „за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“, чии потписнички сме и ние и Република Албанија.
Таа додаде дека се работи за комплексни процеси, кои на општо задоволство се финализирани со потпишувањето на овој Договор.
За конечно враќање на иконите, информираше таа, потребно е двете собранија да ги ратификуваат договорите, по што ќе се реализира и физичкото враќање на иконите во земјава.
Сашо Цветковски од МАНУ, кој е дел од тимот во сиве изминати години и беше дел од постапката за враќање на иконите, детално образложувајќи го целиот процес на реституција, кажа дека разговорите се интензивирале во последната година со што се доби можност за првпат во историјата на нашата држава да се потпишува ваков договор и да се воспоставува систем на соработка во оваа сфера.
„Чинот на реституција на иконите е историски бидејќи и во 70-тите години од минатиот век се правеле обиди за враќање на културно наследство, но тие не биле успешни, така што вчерашниот чин добива значење“,
истакна Цветковски.
Тој го наведе и бранот на насилно влегување во црквите во југозападна Македонија, кога беа украдени голем број икони и црковни предмети, а по увидот во галеријата во Тирана во 2013 година, се констатирало дека има многу македонски икони што се чуваат во Албанија.
„Во декември 2013 година, со стручни екипи и со лица од МВР, отидовме во Тирана за да направиме увид на иконите, видовме дека има илјадници предмети украдени од Албанија, Грција и Македонија. Предноста беше што нашата држава има студиозна и квалитетно изработена евиденција на иконите како културно наследство. Тоа ни беше од голема полза. Исто така, Центарот за културно наследство при МАНУ има голем број истражувања, така што имаме целосна слика за иконите како културно наследство што ги поседуваме“,
појасни Цветковски.
Тој ги поздрави заложбите на Министерството за култура за заштита на културното наследство, но истакна дека на 90 отсто од иконите им е потребна заштита.
Цветковски истакна дека има многу значајни икони, меѓу кои и иконата на Дичо Зограф што вчера ја презентираа министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија како симболичен гест, особено поради тоа што следната година се навршуваат 150 години од раѓањето на овој исклучителен зограф.