Ставот дека Владата во изминатиот период не ги помага локалните самоуправи е максимално погрешен, рече потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Валандово во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат
Локалните самоуправи, кои во голема мера ги води ВМРО-ДПМНЕ, располагаат со свои буџети и со реалокација на средства треба да одговорат на проблемите, вели Костадинов
Не треба да се заборави во каква состојба беа наследени општините во 2017 година – во огромни долгови, па мораше со одлуки на Владата дел од тие долгови да се покријат, изјави потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, во дебата со Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Одговарајќи на наводите од опозицијата дека актуелната централна власт на СДСМ, ДУИ и Алтернатива одбива да соработува со локалната власт, каде што доминира ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов негираше и рече дека од 2017 година се направени значаен број инвестиции.
„Сите инвестиции од Владата и сите други средства во изминатите години не беа насочени кон изградба на жални врби, споменици и слично, туку се градеа градинки, локални улици, училишта и слично, и тоа е огромна разлика. Ставот дека Владата во изминатиот период не ги помага локалните самоуправи е максимално погрешен“,
смета Костадинов.
Тој истакна и дека доколку се стави акцент на енергетската криза и нема блокади во Собранието тогаш ќе можат да се решат и локалните проблеми на граѓаните.
„Од аспект на новата состојба во која се наоѓаме, а тоа е енергетската криза, многу е подобро да не се блокира Собранието и таму да биде арената каде што ќе се наоѓаат решенија и сите ќе направиме граѓанинот да се избори со проблемите. Локалните самоуправи, кои во голема мера ги води ВМРО-ДПМНЕ, исто така, располагаат со свои буџети и со реалокација на средства треба да одговорат на висина на задачата. Треба да се понудат повеќе средства за излез од кризата, како и да се скратат непродуктивните трошења кои сите знаеме какви се за тековното и нерационално функционирање на дел од општините, поточно за проекти што не носат додадена вредност или за вработување“,
истакна Костадинов.