Може да отвориме многу прашања на кој начин да го воспоставиме дијалогот. ВМРО-ДПМНЕ во моментот не е опозиција во државата, го води Градот Скопје и речиси сите други поголеми општини. Имаме нивни градоначалници што не покажуваат дијалог и во полето на презентација на општинските проекти и на сите настани го носат партискиот врв, вели потпретседателот на СДСМ коментирајќи ги наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека како ретко кога нема никаква комуникација меѓу двете партии
Клучна цел во барањето за лидерска средба од ВМРО-ДПМНЕ е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори и тоа е уценувачки, порача во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Перо Костадинов, потпретседател на СДСМ и градоначалник на Валандово.
„Тоа го знаеме сите, а тие со своите постапки и дела во секој момент од нивната политичка активност можат да покажат како и што нудат на полето на справувањето со кризите со кои се соочуваме не само ние туку и светот. И мислам дека и ние, и вие, и граѓаните можат да видат колку се искрени во тие намери, односно во намерите за справување со кризите. Во моментот имаме една од најголемите кризи после Втората светска војна, но и преку низа мерки и пакети парите се враќаат кај граѓаните со дополнителни издвојувања, еве и со ребалансот за да успеат да се амортизираат штетите. Во моментот на решавање на клучните суштински државнички прашања пред кои сме исправени, и на сите кризи, бидејќи во мандатот што го имаме знаеме дека голем дел од кризите се светски, не се предизвикани од Владата. Баш напротив, Владата покажува сериозна активност и носи мерки што носат потоа дополнително резултат во справувањето со тие кризи. ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека е погрешно слепото барање на брзи предвремени парламентарни избори“,
рече Костадинов.
Коментирајќи ги наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема никаква комуникација меѓу двете партии, Костадинов порача:
„Тука може да отвориме многу прашања на кој начин да го воспоставиме дијалогот. ВМРО-ДПМНЕ во моментот не е опозиција во државата, го води Градот Скопје и речиси сите други поголеми општини. Имаме нивни градоначалници што не покажуваат дијалог и во полето на презентација на општинските проекти. Кој било проект е направен со парите на граѓаните, не со парите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ на сите тие настани го носи партиски врв, нешто против што сите заедно се бориме, а тоа е да направиме департизација на државата. Така што, на полето на дијалогот, повторно ќе кажам, секој може да види кој и колку е искрен во своите намери преку своите постапки”,
рече потпретседателот на СДСМ.
Костадинов додаде дека проблем е што ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, во многу наврати настапува со популизам и дека не го чувствува моментот во кој се наоѓа државата. На прашањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Владо Мисајловски, дали ќе се огради од однесувањето на Талат Џафери, Костадинов рече дека тоа треба да се решава во законодавниот дом.