На својот официјален профил на Фејсбук, косовската полиција соопшти дека ситуацијата на северот на Косово, во селото Бањска, сè уште е тензична и дека полициските единици биле принудени да реагираат и каде што, според досегашните информации, еден од напаѓачите е убиен
Косовската полиција потврди дека е убиен еден од членовите на групата која ги нападна нејзините припадници на северот на земјата каде што денеска загина еден полицаец, а друг беше повреден.
На својот официјален профил на Фејсбук, косовската полиција соопшти дека ситуацијата на северот на Косово, во селото Бањска, сè уште е тензична и дека, како што се наведува, криминални групи одвреме-навреме со огнено оружје ги напаѓаат полициските единици на терен.
„Ситуацијата во атарот на селото Бањска и понатаму е тензична, криминални групи одвреме-навреме со огнено оружје ги напаѓаат полициските единици на терен, кои и покрај нападите врз нив го продолжуваат својот ангажман со создавање безбедносен периметар, во интерес за смирување на ситуацијата. Полициските единици, согласно ситуацијата и опасноста од повремени напади на криминални групи, во самоодбрана беа принудени да реагираат на криминални групи каде што, според досегашните информации, еден од напаѓачите е убиен“,
се вели во соопштението.
Косовската полиција наведува дека значителен број професионални напаѓачи се маскирани и облечени во различни униформи, дека се вооружени со тешко оружје, пиштоли и имаат оклопно возило.
Поради настанатата ситуација, косовската полиција пишува дека од безбедносни причини ги има затворено за сообраќај двата гранични премини „Јариње“ и „Берњак“.
Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, соопшти дека најостро го осудува денешниот напад.
„КФОР продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во Бањска, а војниците на КФОР се присутни во оваа област, подготвени да реагираат доколку е потребно“,
се вели во соопштението.
KFOR continues to closely monitor the situation in Banjska, and KFOR troops are present in the area, standing ready to respond if required. pic.twitter.com/aIiDVOAckU
— NATO Kosovo Force – KFOR (@NATO_KFOR) September 24, 2023
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференцијата прикажа снимка од лица вооружени со тешко оружје, кои со возила без регистарски таблички и едно оклопно возило, во маскирни униформи, влегле во манастирот Бањска каде што сè уште се присутни. Тој рече дека тие се опколени од припадници на специјалните сили на косовската полиција и ги повика да се предадат. За убиството, Курти го обвини официјален Белград велејќи дека нападот е оркестриран од српската држава.
Пред обраќањето на Курти, Рашко-призренската епархија соопшти дека група вооружени маскирани лица со оклопно возило влегле во манастирот Бањска, при што ја пробиле заклучената капија на манастирот.
И косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека од време на време од различни позиции продолжуваат нападите врз косовската полиција на северот на земјата, каде денеска загина еден полицаец. И Свечља, како и Курти, ги повика напаѓачите да се предадат, бидејќи се опколени од косовската полиција.
Поради новонастанатата ситуација на Косово, за вечерва е најавено вонредно обраќање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во меѓувреме, осуди за убиството доаѓаат од сите страни. Последни во низата функционери кои го осудија настанот беа високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, како и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој според неофицијални информации се наоѓа во Приштина.
The EU condemns in the strongest possible terms the hideous attack against Kosovo Police officers in Banjska/Banjskë in the north of Kosovo.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) September 24, 2023
The responsible perpetrators must face justice. https://t.co/AU79eVg5Ix
Како резултат на нападот на косовските полицајци, претседателката Вјоса Османи, која се наоѓа во посета на САД, ја прекина посетата и најави дека веднаш ќе се врати назад во земјата. За нападот кажа дека е испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди и дека со вакви инциденти се покажува дестабилизирачката моќ на криминалните банди кои се организирани од Србија.