Косовската претседателка порачува дека институциите на Република Косово се решителни во борбата против малигното влијание на Руската Федерација и нејзините сателити во регионот, кои, како што вели, „тежнеат да ги урнат достигнувањата“ на Косово, САД, НАТО и ЕУ
Косовската претседателка, Вјоса Османи, денеска објави дека на нејзино барање Министерството за надворешни работи на Косово прогласило за „персона нон грата“ двајца службеници на Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово, како и дека започнало процедура за нивно протерување од државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението од кабинетот на Османи, причината за протерувањето на руските дипломати е „нивната штетна активност, која е насочена против националната безбедност и уставниот поредок на Република Косово“.
„Неделава побарав од вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала Шварц, да ги прогласи за персона нон грата двајца службеници во Канцеларијата за врски на Руската Федерација во Косово, поради нивната штетна активност, која е насочена против националната безбедност и уставниот поредок на Република Косово. Денеска МНР донесе одлука за прогласување на тие двајца дипломати за непожелни личности и во исто време ги извести законодавните институции и надлежните авторитети истата да ја извршат“,
се цитира Османи во соопштението.
Таа порачува дека институциите на Република Косово се решителни во борбата против малигното влијание на Руската Федерација и нејзините сателити во регионот, кои, како што вели, „тежнеат да ги урнат достигнувањата“ на Косово, САД, НАТО и ЕУ.
„Поради таа причина ќе продолжиме да соработуваме тесно со нашите американски и европски сојузници, со цел да ја спречиме намерата Косово и нашиот регион да бидат жртви на дестабилизирачките амбиции на Руската Федерација“,
порача Османи.