Косово не може да биде дел од „Отворен Балкан“ сè додека Србија не ја признае косовската независност, истакна претседателката на Косово, Вјоса Османи
Косово се противи за евентуално приклучување кон иницијативата „Отворен Балкан“, затоа што смета дека иницијативата е штетна и оти сите земји нема да бидат рамноправно третирани, е ставот на претседателката на Косово, Вјоса Османи, кој го истакна за време на средбата во Приштина со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Претседателката Османи го истакна својот став дека е против оваа иницијатива бидејќи, како што наведува и самата, „од самиот почеток не им бил пружан ист третман и инклузивност на сите земји“, пренесува РСЕ. Таа оцени дека Косово не може да биде дел од „Отворен Балкан“ сè додека Србија има клучна улога во тој процес, а од друга страна не ја признава косовската независност.
„Не можеме да очекуваме од Вучиќ да има добри намери по однос на нашата земја и регионот бидејќи самата милитаризација на Србија покажува која е нејзината вистинска цел“,
кажа Османи и додаде дека властите во Приштина ќе ја сфатат сериозно оваа иницијатива кога Србија ќе го признае Косово.
Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ беше покрената во 2019 година, со цел подобрување на регионалната соработка, од страна на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија Еди Рама и Зоран Заев.
Пред три дена се одржа една од низата планирани етапи на иницијативата, на кој беа потпишани пет договори кои беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули оваа година.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, при посетата на Приштина истакна дека иницијативата „Отворен Балкан“ треба да ги обедини сите земји од Западен Балкан за да биде успешна, во спротивно таквата иницијатива не би имала цел.
Воедно, Милановиќ апелираше кон земјите членки на ЕУ што го немаат признено Косово да го направат тоа.
Косово сè уште не е признаено од пет земји членки на ЕУ и тоа Кипар, Шпанија, Словачка, Грција и Романија.