Изјавата на Курти е одговор на најавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека ќе бара од КФОР да овозможи распоредување на српската војска и полиција на Косово
Косово не сака конфликт, но на агресијата ќе одговори со сета сила што ја има, напиша вечерва на својот фејсбук-профил, косовскиот премиер, Албин Курти.

Изјавата на Курти е одговор на најавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека ќе бара од КФОР да овозможи распоредување на српската војска и полиција на Косово.
Според косовскиот премиер, Србија веќе неколку дена „му се заканува на Косово со агресија“ и повикува на враќање на српската војска на Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Обединетите нации.
„Тие (Србија н.з.) сакаат двојно враќање во минатото. Прво, враќање во времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето за Косово да се врати во ОН и што е можно подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска земја. Србија со ова раководство што го има е автократска,проазиска и милитантна. Не сакаме конфликт,сакаме мир и напредок, но на агресијата ќе одговориме со сета моќ што ја имаме. Сега кога ниту регистарските таблички за возилата, ниту датумот за изборите не можат да се користат како изговор, се открија нелегалните структури на Србија претворени во криминални банди“,
напиша Курти на Фејсбук.
Тој додава дека косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла е во контакт со командантот на КФОР и дека барикадите на „маскираните криминалци на север“ треба веднаш да се отстранат.
„Косово е земја на слободни и вредни граѓани, без разлика на етничката и верската припадност , полот и возраста. Криминалците и русофилите ќе изгубат. Република Косово ќе победи“,
напиша Курти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово.
Изјавата на Вучиќ доаѓа откако претставници на Србите на северот на Косово денеска поставија барикади, протестирајќи против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.