Иако се олабавуваат мерките против ширењето на коронавирусот, тоа не значи дека вирусот го нема повеќе меѓу нас. Напротив, сите препораки од надлежните здравствени институции и во земјава и во регионот се дека мора да се научиме да живееме со вирусот, а спречувањето за негово ширење е најдобро да се почитуваат мерките за лична хигиена и заштита и држењето на растојание.
Во Србија во последните 24 часа се потврдени 96 нови случаи позитивни на коронавирусот, а едно лице почина. Направени се тестови на 345.260 лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 12.990 лица, починаа 262, а моментално активни се 731 случај. На респиратор се 19 лица, а процентот на смртност е 2,02 отсто.
Во Косово вчера продолжи трендот на високи бројки на случаи на заразени, а денеска беше забележана и нова жртва на вирусот, 70-годишен маж. Со тоа бројката на заболени кои починале од појавата на епидемијата се искачи на 37. Од извршените 439 тестирања во текот на вчерашниот ден, позитивни резултираа 93, додека од вкупно 21.517 тестови, досега како заразени се регистрирани 2.169 лица. Со оглед дека како излекувани се водат 1.047 случаи, од кои 29 вчера, бројката на активни носители на вирусот во Косово изнесува 1.085. Косовските медиуми денеска објавија дека Министерството за здравство препорачало да не се тестираат веќе случаите на контакт, туку само лицата згрижени во одредени клиники и оние кои имаат потешки симптоми на ковид-19.
Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 19 новозаразени, со што вкупниот број од почетокот на пандемијата достигна 2.336. Досега се тестирани 72.746 лица, од кои 268 во последното деноноќие. На болничко лекување се девет лица, никој не е на респиратор.
Како што е соопштено од Националниот штаб за цивилна заштита, вкупниот број починати изнесува 107.
Во последното деноноќие во Грција е регистриран 21 нов случај на ковид-19, од кои пет, според грчките медиуми, се од направените тестови по случаен избор на патници од летови од странство. Вкупниот број заразени во земјата се зголеми на 3.287 лица.
Во Албанија, со последните 24 часа потврдените 33 новозаразени со ковид-19, вкупната бројка се зголеми на 1.995 лица. Битката со опасниот вирус ја добиле 1.159, а починале 45, додека пак активни на болеста се 791 лице. Последните денови се зголемува бројот на болнички лекувани и таа бројка е 81, што е највисока досега. Од нив десет се на интензивна терапија и еден е поставен на респираторна машина.