Претходниот предлог од 250 милијарди долари, кој го предложи азербејџанското претседателство на КОП 29, беше отфрлен од посиромашните земји како недоволен. Тие предупредија дека слабиот договор ќе ја попречи нивната способност да постават поамбициозни цели за намалување на стакленичките гасови
Развиените земји ќе плаќаат 300 милијарди долари годишно до 2035 година за да им помогнат на посиромашните земји во борбата против климатските промени, предвидува новиот нацрт-договор од климатските разговори на ОН откако претходно беше отфрлен целниот износ од 250 милијарди долари.

Климатската конференција КОП 29 во главниот град на Азербејџан, Баку, требаше да заврши во петокот, но беше продолжена бидејќи преговарачите од речиси 200 земји не успеаја да постигнат консензус за климатскиот финансиски план за следната деценија.
Во еден момент делегатите од посиромашните и помалите островски нации ги напуштија разговорите, фрустрирани од, како што рекоа, недостиг на вклученост и од обидите на земјите што произведуваат фосилни горива да ги намалат аспектите на договорот.
Самитот влезе во суштината на прашањето со расправата за финансиската одговорност на индустријализираните земји, чија историска употреба на фосилни горива предизвика најголем дел од емисиите на стакленички гасови, за што би требало да им надоместат на другите за штетата предизвикана од климатските промени.
Расправата, исто така, ги извади на површина поделбите меѓу богатите влади ограничени од домашните буџети и земјите во развој кои се борат со трошоците предизвикани од се полошите бури, поплавите и дождовите.
Претходниот предлог од 250 милијарди долари, кој го предложи азербејџанското претседателство на КОП 29, беше отфрлен од посиромашните земји како недоволен. Тие предупредија дека слабиот договор ќе ја попречи нивната способност да постават поамбициозни цели за намалување на стакленичките гасови.
Бајден: Историски договор
Американскиот претседател Џо Бајден договорот за финансирање на сиромашните земји во борбата против климатските промени го нарече историски, јави ДПА.
„Никој не може да го запре преминот кон чиста енергија која моментално се одвива во САД“,
рече Бајден.
Во соопштението на американскиот претседател, објавено денеска, се вели дека договорот постигнат во Баку поставува амбициозна цел во сферата на финансирање на борбата против климатските промени.
Бајден истакна дека договорот ќе помогне да се мобилизираат финансиите на различни нивоа и да се создаде пазар за американските електрични автомобили и други производи.