Приведени се четири лица кои биле затекнати во угостителски локал во скопски Аеродром кој претходно бил затворен со пломба
Полицијата синоќа привела четири лица кои биле затекнати во угостителски локал во скопски Аеродром, кој претходно бил затворен со пломба. Тие се приведени под сомнение за „симнување или оштетување државен печат или знак“.
Како што соопштија од МВР, полициски службеници од СВР Скопје, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, извршиле контроли во 229 угостителски објекти во однос на тоа дали се почитуваат мерките и одлуките на Владата за спречување на ширењето на ковид-19.
При контролите било констатирано дека еден објект не ги почитува мерките. Односно, во објект на бул.„Јане Сандански“, кој претходно бил затворен со пломба, биле затекнати А.Д. и И.Г. од Скопје, М.Т. од Нов Дојран и Д.Т. од с.Самоков, Македонски Брод. Тие биле приведени во полициската станица „Аеродром“, поради сомнение дека извршиле кривично дело „симнување или оштетување на службен печат или знак“, предвидено и казниво по член 398 од Кривичниот законик.
За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од МВР информираат и дека синоќа, во периодот од 17.00 до 21.00 часот, полициски службеници од СВР- Куманово, во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле контрола во 54 угостителски објекти на подрачјето на општините Куманово и Липково. Притоа, во угостителски објект на бул.„Трета македонска ударна бригада“ било констатирано дека растојанието помеѓу масите отстапува од протоколите за работа на угостотелските објекти за спречување ширење на ковид-19, при што инспекторите презеле соодветни мерки.