Првите напади беа на 22 август, три дена по соборувањето на владата на Абазовиќ, а од доцна синоќа започна нова серија организирани хакерски напади врз владината ИТ инфраструктура. Примарна цел на нападот е структурата на државните органи
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ изјави дека засега се е шпекулација за тоа кој стои зад хакерскиот напад врз државните институции во Црна Гора, додека министерот за одбрана Рашко Коњевиќ и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) соопштија дека се чини дека руски служби се одговорни за нападот.
Црна Гора од доцна синоќа е изложена на нова серија организирани хакерски напади врз владината ИТ инфраструктура. Примарна цел на нападот е структурата на државните органи.
Абазовиќ на прес-конференцијата рече дека Советот за национална безбедност донел одлука за формирање оперативен тим, кој ќе работи 24 часа и ќе се справува со напади и дека државата ќе испрати барање до европските партнери за експертска помош за враќање на податоците, преземени во нападот и да се превенира.
Тој апелираше до граѓаните да не ги политизираат хакерските напади.
„Не се непознати ниту во другите земји, ајде сите да се обидеме да придонесеме за зголемување на сајбер безбедноста. Ова важи и за приватните и државните компании“,
додаде Абазовиќ.
Тој рече дека нема потреба од паника, иако се работи за непријатна ситуација која го отежнува функционирањето на државниот апарат. Тој рече и дека следната недела ќе има информации за направената штета.
„Некој сака да ја искористи политичката криза за дополнителна дестабилизација. Дали зад тоа стојат држави, структури или поединци, времето ќе покаже. Забележувам дека не се работи за ист тип на напад, но имавме ваква ситуација и пред тоа, како што се електронски пораки за дојави за бомби во училиштата“,
рече Абазовиќ.
Министерот за одбрана Рашко Коњевиќ изјави дека има многу индиции дека се точни наводите на АНБ дека зад нападот стојат координирани руски служби.
„За ова има доволно, не само нивно сознание, туку и од размената на податоци со партнерските служби во тој сегмент. Овој напад секако е политички мотивиран. Не треба да заборавиме дека Руската Федерација, поради сите одлуки што ги донесе Црна Гора во претходниот период, ја дефинираше нашата како непријателска држава. Затоа, таква политичка мотивација постои на таа страна. Би останал на тоа ниво, почитувајќи го она што го кажаа оние кои беа повикани пред мене – луѓе од Министерството за јавна администрација и Агенцијата за национална безбедност, која ги следи овие настани во поширок контекст“,
рече Коњевиќ.
Според него, податоците на граѓаните не се загрозени, но посочи дека неминовно ќе се изгубат дел од владините податоци.
АНБ вечерва соопшти дека зад хакерскиот напад врз владината инфраструктура стојат координирани руски служби.
„Ваков напад беше изведен за прв пат во Црна Гора и беше подготвуван долго време. Нападната е критична инфраструктура“,
објави АНБ.
Амбасада на САД: Во Црна Гора има постојан и континуиран сајбер напад
Упорен и континуиран сајбер напад е во тек во Црна Гора, предупреди амбасадата на Соединетите Американски Држави во Подгорица.
Нападот може да вклучи прекини во јавниот комунален сектор, транспортот (вклучувајќи ги граничните премини, како и аеродромот) и телекомуникацискиот сектор, се вели во соопштението од Амбасадата до своите државјани.
„Дејствата што треба да ги преземете се – бидете свесни за вашата околина, ограничете го движењето и патувањето до најважните работи, прегледајте ги вашите лични планови за безбедност, имате патни документи ажурирани и лесно достапни и следете ги локалните медиуми за вонредни вести“,
објавено е на веб-страницата на Амбасадата на САД.
На 22 август серверите на Владата на Црна Гора беа цел на сајбер напад, соопшти тогаш Министерството за јавна администрација, додавајќи дека ова се најсофистицираните напади што досега се случиле во Црна Гора.
Како што соопшти тамошното МНР, прелиминарните податоци покажуваат дека нападите се состојат од комбинација на неколку различни методи на сајбер напади.
Сајбер нападот на серверите на Владата се случи три дена по соборувањето на Владата на Дритан Абазовиќ во Парламентот на Црна Гора, која сега функционира како привремена или техничка, до изборот на нова Влада.