На средбата е разговарано за взаемното информирање за задржани граѓани, соработка при конзуларни случаи, особено кога е потребна помош како на пример лекување, начинот и постапката за издавање на документи од матичните книги и други прашања од областа
За првпат по 10 години конзуларните претставништва на Министерствата за надворешни работи на С Македонија и Бугарија одржале консултации на кои се разгледани повеќе прашања од конзуларната област, а кои директно ги засегаат граѓаните на двете држави.
Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на средбата е разговарано за начините за подобрување на меѓусебната комуникација во врска со измените на законодавството за влез и престој на територијата на секоја од земјите и неговата примена, взаемното информирање за задржани граѓани, соработка при конзуларни случаи, особено кога е потребна помош како на пример лекување или репатријација, начинот и постапката за издавање на документи од матичните книги, воспоставување на точка за директна комуникација во итни случаи и други прашања од областа.
„Обете страни изразија задоволство од досегашната соработка во конзуларните работи, споделија информации за предизвиците со кои се соочуваат и разменија предлози за унапредување на соработката“,
стои во соопштението на МНР.
Конзуларната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија се одвива врз основа на конзуларната конвенција склучена меѓу двете држави во 1999 година. Конзуларните консултации се реализираа на иницијатива на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, и се први од таков вид во изминатава декада, додаваат од МНР.