Мемеди вели дека од вкупно 144 вработени медицински сестри, дури 25 се на возраст над 60 години и наскоро ќе исполнат услови за пензија. Дополнително, 15 сестри се над 57 години, со што по закон се ослободени од ноќни дежурства. Единаесет медицински сестри работат со скратено работно време, 16 сестри во моментов користат породилно отсуство

Детската клиника во Скопје се соочува со недостиг на средномедицински кадар поради што е доведено во прашање нормалното функционирање на сменската работа и дежурствата. Ова денеска го посочи директорот на клиниката, Реџеп Мемеди, одговарајќи на новинарски прашања за состојбите во оваа јавна здравствена установа.
Според Мемеди, клиниката која згрижува пациенти од целата држава и остварува околу 70 илјади прегледи и над седум илјади хоспитализации годишно, уште од почетокот на неговиот мандат се соочува со барања од сите оддели за итно ангажирање медицински сестри.
Директорот рече дека речиси половина од моментно вработените медицински сестри од законски или оправдани причини не можат да бидат вклучени во ноќните дежурства и сменската работа.
Мемеди вели дека од вкупно 144 вработени медицински сестри, дури 25 се на возраст над 60 години и наскоро ќе исполнат услови за пензија. Дополнително, 15 сестри се над 57 години, со што по закон се ослободени од ноќни дежурства. Единаесет медицински сестри работат со скратено работно време, 16 сестри во моментов користат породилно отсуство.
Директорот вели дека менаџментот на клиниката побарал и во 2025 година добил согласност за ангажирање кадар со договор на дело, за што, како што тврди, биле обезбедени и соодветни буџетски средства.
Во декември минатата година клиниката поднела барање за продолжување на овие согласности за тековната година, заедно со детална табела за обезбедениот буџет за плати. Наместо одобрување, во април годинава пристигнал негативен одговор од Министерството за финансии.
Поради ова, околу десет лица кои повеќе од четири години работеле со договор на дело веќе не доаѓаат на работа.
Од вкупно 50 лица кои биле ангажирани со договор на дело, 23 лица се директен медицински персонал – 18 медицински сестри, четворица лабораториски техничари и еден биолог, додека останатите се технички и административен персонал.
Директорот Мемеди информира дека веќе побарал дополнителни согласности за нови вработувања од Министерството за финансии и нагласи дека без овие лица клиниката се соочува со сериозни проблеми во организацијата на работата.
Тој додаде и дека биле принудени привремено да направат спојување на одделите за имунологија и пулмологија затоа што имале недостиг на сестри што ќе ги покриваат дежурствата.
„Бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, организација на распоред за дежурства, бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела. Одделот не е укинат, тоа е привремено решение за да го пребродиме овој период кога немаме доволен број на кадар“,
рече Мемеди.
Сепак и покрај намалениот број на капацитет за прием на дечиња, Мемеди вели дека апсолутно не враќаат ниту еден пациент.
