Лидерот на српското десничарско движење „Двери”, Бошко Обрадовиќ, како шеф на парламентарната група на оваа партија, предложи новиот собраниски состав на српското собрание, својата конститутивна седница да ја одржи во Косово.
Во писмената изјава, Обрадовиќ пишува дека е прашање на договор дали седницата би се одржала во Грачаница или во Косовска Митровица, но дека од „огромно значење е парламентот да заседава во Косово и Метохија“, вели тој.
Според него, по конститутивната седница, српскиот парламент може да свика специјално заседание, на кое јавно ќе го отфрли барањето на европарламентарците за признавање на независноста на Косово и ќе побара натамошните преговори за Косово да се вратат во Советот за безбедност на ООН.
Актуелниот претседател на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ најави дека конститутивната седница на парламентот ќе ја закаже во текот на оваа или наредната недела, за да го запази законскиот рок, според кој, таа мора да се одржи најдоцна до 4. август.
Изборите во Србија беа одржани на почетокот на април. На претседателски победи Александар Вучиќ, а на парламентарните, најголем број гласови освои неговата Српска напредна странка. Фаворит за премиер е актуелниот министер за финансии, Синиша Мали, додека досегашната претседателка на владата, Ана Брнабиќ, се шпекулира дека ќе биде нов собраниски спикер.