Пред стартот на кампањата за одложените избори, Али Ахмети влезе во кампања за избор на премиер по етнички клуч, односно за прв премиер Албанец во Северна Македонија
Пред продолжувањето на изборниот процес, кој беше прекинат на 21 март, ДУИ, на чело со Али Ахмети, влезе во кампања за премиер Албанец – најновата иницијатива што владејачката партија од албанскиот камп ја промовира пред неколку дена, во екот на новиот бран на епидемијата на коронавирусот во земјава.
Според порталот „Ина“, сопственикот на компанијата „Еколог“, Љазим Дестани, е кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец. Сепак, за ова нема потврда од партиското раководство.
Во функција на оваа кампања, ДУИ промовира и ново лого „Време е за прв Албанец премиер“. За таа цел, како што најавуваат од партијата, денеска напладне Ахмети ќе има и видеообраќање.
„Голем ден нѐ чека утре. Време е за првиот Албанец премиер“,
напиша на Фејсбук секретарот на ДУИ, Артан Груби, при што објави фотографија со Ахмети и со логото на „кампањата“ за премиер етнички Албанец.
По тригодишно коалицирање со СДСМ во Владата, а претходно и во владите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ќе настапи самостојно на претстојните парламентарни избори, за кои повторно се најавува дека ќе се одржат на 5 јули, наместо првично планираниот термин – 12 април.
СДСМ, пак, за овие избори влезе во сојузништво со опозициската Беса, што е прва коалиција за парламентарни избори меѓу партии од албанскиот и македонскиот политички блок. Претходно, СДСМ коалицираше со ДУИ на локалните избори во 2017 и на претседателските избори во 2019 година.
Пред ланските претседателски избори, ДУИ го реактуелизира барање за консензуален претседателски кандидат, што Ахмети го промовираше во 2014 година, кога неговата партија не учествуваше на тогашните избори, затоа што не постигна договор со ВМРО-ДПМНЕ за заеднички кандидат за шеф на државата. Затоа, пак, на последните претседателски избори ДУИ застана зад кандидатот на СДСМ – сегашниот претседател Стево Пендаровски.
Во 2017 година, пак, за време на преговорите со СДСМ, ДУИ, меѓу другото, инсистираше да го добие претседателското место во Собранието, по што Талат Џафери беше избран за претседател на парламентот.
Според Уставот, мандатот за составување влада го добива кандидат на партијата/партиите што ќе обезбедат апсолутно мнозинство во парламентот, односно најмалку 61 глас.