Богдановиќ вели дека јавниот конкурс за избор на идејно решение за „Треска“ е правно издржан и независен од неуспешниот обид на Општината да ги суспендира плановите кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план за Скопје. Сепак, не открива како ќе „купува време“ додека постапката не заврши, со оглед дека стариот ДУП од 2012 година е вратен во сила и се чекаат одобренија за градба
Инвеститорите и сопственици на имот кај „Треска“, кои претходно се заканија дека кривично ќе ги гонат општинските советници доколку распишат конкурс, не откриваат дали официјално ќе почнат правна битка
Реална можност за стопирање на нова бетонизација на центарот на Скопје или обид за смирување на реакциите во јавноста со решение кое „не држи вода“? Јавниот конкурс за изработка на нов план за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ после една и пол година вчера конечно го објави Општина Центар, но дали и какви промени може да донесе?
Дополнителни дилеми наметна и неуспешниот обид на Општината да ги суспендира спорните детални урбанистички планови донесени од претходните општински власти, кои со падот на мораториумот се вратија на сила.

Суспензија се очекуваше и за локацијата кај „Треска“, каде според стариот и важечки ДУП од 2012 треба да никнат 30 згради. И покрај тоа што Министерството за транспорт и врски не даде „амин“ за стопирање на примената на спорните планови со образложение дека Општината ги „промашила“ елаборатите, локалната власт и дел од стручната јавност се со став дека конкурсот е правно издржан иако примената на старите планови во моментов е на сила.
Со конкурсот за „Треска“ треба да се дојде до ново урбанистичко решение за оваа локација која е меѓу единствените во Скопје од толкав габарит, каде што се уште не почнало да се гради.
Зеленило и градинка наместо „наполитанки“
Локацијата кај „Треска“ има околу 63 илјади квадратни метри, на која актуелниот ДУП предвидува 30 згради наредени една до друга, по што станаа познати како „наполитанки“. Градење не беше можно неколку години, бидејќи просторот е дел од деталните планови кои Општината Центар ги стави под мораториум затоа што не се во согласност со Генералниот план за Скопје.
Но, Општината не стигна да го „поправи“ планот, а Уставниот суд неодамна го укина мораториумот, па инвеститорите и сопствениците на земјиште кај „Треска“ поднесоа барања за одобрение за градба по стариот план.

Според анализите на општината, стариот ДУП, кој до скоро го опфаќаше и просторот кај Треска, отстапува од ГУП по разни параметри, а меѓу главните проблеми е што предвидува експанзија на згради и раст на бројот на жители, додека недостасуваат јавни површини и објекти како градинки, паркови, плоштади.
Според јавниот конкурс пак, од споредбата на планските документации – земјиштето под површини од јавен интерес треба да биде минимум 37 отсто. Согласно сопственоста, земјиштето под јавни намени може да се движи до 47 отсто од содржините.
„Препорачливо е да се планира разнолика типологија на станови, како би се обезбедила понуда за идните корисници; Број на станови зависи од конкурсното решение, односно од предложените типови на идната станбена изградба“,
се вели во програмската задача за изработка на конкурс за идејно решение.

Во него стои и дека треба да бидат предвидени објекти за домување односно згради со приземје и четири ката, да има јавни содржини односно детска градинка, содржини од културата, зеленило, локален парк….Препорачана е густината да биде од 300-500 жители на хектар, развиената станбена површина да изнесува од 60.000-100.000 метри квадратни, додека процентот на изграденост на парцелата за станбени намени да не надминува 60 отсто.
Но, како би се реализирале овие измени во планот? Иницијаторката на конкурсот, поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, вели дека изгледот на локацијата ќе зависи од понудените конкурсни решенија, додека општината ќе треба да најде начин како да го реализира тоа.
„Се што требаше да се направи за конкурсот е направено и тоа е правно издржано. Мене ме радува што имаме распишан конкурс, кој што значи компетиција и една трка за подобро решение и нормално дека очекувам подобро, поквалитетно решение со некакви повисоки критериуми и европски стандарди и таквото решение како ќе се спроведува и кои се другите ефекти од тоа што би значело подобар квалитет на живеење е нешто што ќе видиме. Јас очекувам да биде подобро и се радувам што има конкурс, ова треба да биде почеток на една серија на конкурси. Треба да се потврди дека не е страшно да се распишува архитектонско-урбанистички конкурс и да се тежнее кон подобар квалитет на решението“,
вели Павловска.

Павловска смета дека неуспешниот обид за суспензија на спорните детални урбанистички планови не го загрозува јавниот конкурс за идејно решение за „Треска“, бидејќи вели, двете постапки не се поврзани една со друга.
„Суспензијата е еден третман, а конкурсот е одлука на општинскиот совет. За конкурсот се изјасни советот на Општината пред идејата за суспензија. Локацијата на „Треска“ е друга приказна која е почната пред тоа. Тоа е моја иницијатива со која се предлага да се спроведе конкурс. Тоа што нема суспензија нема да влијае на конкурсот. Тоа се правно независни активности“,
вели таа.
Инвеститорите најавија тужби, Богдановиќ оптимист
Но, тоа што нема суспензија или мораториум, односно стопирање на примената на планот за овој простор, може да го усложни процесот, бидејќи додека општинските власти се подготвуваа да распишат конкурс, инвеститорите и сопственици на земјиште кај „Треска“ поднесоа барања за одобренија за градба и доокпрунување на нивните парцели на кои планираат да градат 30 згради согласно стариот ДУП.
Од Општина Центар не откриваат колку барања за градба се пристигнати, а градоначалникот Саша Богдановиќ не дава конкретен одговор дали доколку биде исправен пред потпис ќе даде „амин“ за градба.
„Се уште немаме постапено по барањата, треба да се дорасчитат некои други работи кои треба да ги средат. Има широк спектар на законски можности кои дозволуваат нешто или не. Гледаме се да биде во рамки на законот. Имаме јавен повик сега за сега и немаме одговор. Гледаме да сме претпазливи за сите потези што ги правиме. Управните постапки се посложени и не може веднаш да се даде одговор. Нашата интенција е конкурсот да биде успешен. Тоа подразбира дека ќе се потрудиме да биде успешен. Како понатака, тоа се наши интерни работи“,
вели Богдановиќ.
Општина Центар во моментов постапува и по 11 барања за продажба на државно градежно земјиште кај „Треска“ поднесени од приватните сопственици на објекти кај поранешната фабрика, а каков исход ќе имаат, локалната власт не сака да прејудицира бидејќи, како што велат, тие се во почетна фаза.
Инвеститорите пак, претходно најавија тужби до општинските советници доколку распишат конкурсно решение. Се повикуваат на т.н. стекнато право, принцип што според нив забранува да се скрати еднаш дозволена висина и основа за градба на една градежна парцела во приватна сопственост и уверуваат дека во изградбата на комплексот згради ќе водат сметка за хумано живеење.

„Ние како сопственици, инвеститори, самоиницијативно ги предвидуваме параметрите што ги налага новиот Закон за урбанистичко планирање. Паркирањето да го решиме во склоп на градежна парцела, зелената површина да не биде 5 отсто како што е предвидена по стариот ДУП, туку да биде преку 20 отсто, во склоп на самите парцели да уредиме зелени површини, дворни површини и се останато“,
порача тогаш во изјава за „360 степени“ Роберт Јакимовски од компанијата „Голден арт“, кој во името на сите сопственици на имот кај „Треска“ најави дека нема да дозволат конкурсот да помине.
По распишувањето на јавниот повик, инвеститорите не прецизираат дали ќе ја почнат најавената правна битка.
„Нашиот став е добро познат во јавноста, просторот кај Треска сакаме да се трансформира од неугледна локација во центарот на градот во модерно уредно и урбанизирано место за живеење“,
порачаа денеска од „Голден арт“, во името на сите инвеститори кај „Треска“, во куса изјава за „360 степени“
Богдановиќ пак, тврди дека Општина Центар има правен основ да го турка конкурсот за ново идејно решение, без разлика што дел од земјиштето е во приватна сопственост. Тој не прецизираше како Општината планира да ги спроведе промените во планот и да најде компромис со инвеститорите, туку порача дека сите детали ќе треба да се дефинираат во новото конкурсно решение.

„Кога ќе се изградат сите објекти, согласно параметрите од ГУП-от формално мора да има градинка, мора тие деца да одат некаде, истите тие што ќе купат стан или деловен објект ќе сакаат своите деца да ги носат во градинка. Ако не предвидиме сега таков објект, што сме направиле? Тоа е задача на конкурсното решение. Во рамки на параметрите да се најде место. Се ќе се предвиди со конкурсот. А, инвеститорот има право да даде свое мислење кога ќе има јавна анкета. Конкурсното решение е нешто што го предлагаме како можност за решавање на едно такво прашање. Тоа е идеја која сакаме да се вгради до планот. Тие може да ги кажат забелешките во јавната анкета. Тоа не значи ако приватно земјиште дека не можеме да носиме план и да даваме решение. Никој не им ја зема сопственоста“,
вели градоначалникот
Градоначалникот смета дека ниту заканите од инвеститорите ниту неуспешниот обид за суспензија на актуелниот ДУП нема да влијаат на спроведувањето на конкурсното решение за „Треска“. Но, не открива како Општината ќе „купува време“, со оглед дека додека не се донесе нов план за оваа локација, „наполитанктите“ го чекаат неговиот потпис.