Зградата на американскиот Конгрес е безбедна и слободна, пренесуваат американските медиуми. Објавата следува по неколкучасовната опсада на Капитол Хил од страна на неколку илјади демонстранти кои упаднаа во зградата откако го совладаа обезбедувањето.
Полициската акција за расчистување на теренот почна околу 17 часот по локално време, односно околу 23 часот по македонско време. Во 18 часот по локално, вашингтонско време, започнува полициски час.
Полицијата на Капитол приведе 20 лица
При акцијата за расчистување на објектот, полицијата не беше агресивна. Има извештаи за употреба на солзавец и шок бомби, но во најголем дел полицијата само ги упати демонстрантите да се оддалечат од објектот. Демонстрантите, во најголем дел, не даваа отпор и ги почитува насоките од полицијата.
Засега не е јасно дали и колку уапсени има од страна на редовните и посебните полициски единици кои интервенираа во последниот час. Но, полицијата која е задолжена за чување на американскиот Конгрес соопшти дека уапсила околу 20 лица.
Градоначалничката на Вашингтон, за Си Ен Ен, пред малку изјави дека „има многу апсења“, но не можеше да прецизира за колку лица станува збор. Репотерите од терен, пак, јавуваат дека полицијата пред се се обидува да ги убеди демонстрантите да си заминат без употреба на сила.
Почина една жена-демонстрант
Телевизиската мрежа „Фокс Њуз“ објави дека една жена се бори за живот, откако била погодена со огнено оружје при упадот во Конгресот. Подоцна, беше потврдено дека жената починала. Засега не е јасно дали била погодена од некој од демонстрантите или, пак, од полицијата на Капитол. Градоначалничката на Вашингтон, за Си Ен Ен, изјави дека „случајот се истражува“.
(веста се надополнува)