На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, којa била во проширен состав, биле донесени неколку заклучоци кои одат генерално во насока на преземање на превентивни мерки за заштита од конго-кримска хеморагична треска. Претседателот на Комисијата, проф. д-р Александар Петличковски, рече дека нема простор за паника во врска со болеста. Тој информира дека уште денеска е можно до Владата да биде доставена информација со која ќе се бара организирање на акциски план во рамките на превентивните мерки. Односно, се планира да се направи проценка колку се застапени крлежите, кои ја пренесуваат болеста доколку се заразени со вирусот, и врз основа на резултатите да биде извршена дезинсекција
Надлежните здравствени власти во земјава смируваат дека нема потреба од паника во врска со појавата на случаите со конго-кримска хеморагична треска во земјава. Апелите за смиреност до граѓаните ги пренесе претседателот на Комисијата за заразни болести, проф. Д-р Александар Петличковски, по денешниот состанок на Комисијата во проширен состав.

На состонокот, како што информира тој, биле донесени заклучоци кои одат генерално во насока на преземање превентивни мерки за заштита од болеста, која ја пренесува вирус.
Најпрвин заклучиваме дека нема место за паника, апсолутно нема потреба, ниту е продуктивна. Станува збор за болест за која и ние важиме како ендемско подрачје. Тоа значи дека болеста е присутна, односно вирусот кој ја пренесува оваа болест е присутен, што е потврдено и со неколклу научни истражувања кои Факултетот за ветерина ги има направено во минатите неколку години“, изјави Петличковски по состанокот.
Превентивните мерки за кои денеска биле донесени заклучоци, како што посочи тој, се однесуваат на добро информирање на населението и на здравствените работници како се добива оваа болест.
Тестови за детекција на болеста, како што рече тој, во моментов има доволно, а нарачани се и доплнителни количини.
„Просто размислување за оваа болест кога ќе има сомнителни случаи и брзо процесуирање и испраќање на сомнителните случаи до инстиитуциите, односно до одделите за инфективна патологија или до Клиниката за инфективни болести. Тестови за оваа болест во моментот имаме доволно, дополнителна количина е нарачана и се очекува да пристигне. Исто така и терапијата која е со некаков ефект е достапна, што значи дека колку што може да биде подготвена една држава за ваква ендемска болест ние сме подготвени“,
рече претседателот на Комисијата за заразни болести.
Како што информира Петличковски, уште денеска е можно до Владата да биде доставена информација со која ќе се бара организирање акциски план во рамките на превентивните мерки. Односно, се планира да се направи проценка колку се застапени крлежите, кои ја пренесуваат болеста доколку се заразени со вирусот, и врз основа на резултатите да биде извршена дезинсекција.
„Пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж којшто е заразен со вирусот. Крлежи има многу, особено во летните месеци. Глобалното затоплување исто така допринесува за нивна поинтензивцна активност, меѓутоа не е секој крлеж заразен со некој вирус. Денеска е можно да стигне информација до Влада со која ќе се бара организирање на еден акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата, пронаоѓањето, колку често овие крлежи ги има по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи една дезинсекција, која е клучната превентивна мерка за намалување на ризикот од појава на болест“,
изјави д-р Петличковски.
Како најизложени на опасноста да бидат каснати од крлеж и заразени со болеста, тој ги посочи ловците, риболовците и сточарите, како и здравствените работници.
„Здравствените работници се другата голема група кои заради контакт со телесните секрети, крв, карварења, бидејќи оваа болест е поврзана со напрасни крварења, здравствените работници се поизложени и треба да мислат и да се заштитуваат при контакт со сомнителни случаи“,
рече Петличковски.
Прашан дали ветеринарните екипи (од Агенцијата за храна и ветеринарство) кои вчера заедно со екипи на епидемиолози (од Институтот за јавно здравје) излегоа на терен за да заловат инсекти, откако беше потврден случајот со велешанецот, Петличковски рече дека сè уште нема резултати, додавајќи дека мерката ќе продолжи и наредниот период.
„Таа мерка очекуваме да се спроведува и во наредните две-три недели за да имаме репрезентативен број, односно да имаме што повеќе крлежи за да идентификуваме дали се тие заразени со вирусот“,
изјави претседателот на комисијата за заразни болести.
Во врска со морталитетот, односно смртноста од болеста, тој рече дека таа е сериозна, односно оние што ќе се разболат, значаен процент од нив можат да завршат со фатален исход. Сепак, тој посочи дека има различни видови на вирусот, односно различни генотипови на вирусот.
„Некои од нив се повразни со висока смртност, некои со ниска. За волја на вистината, ако вака логично размислуваме и од научните истражувања што ги прави Факулетот за ветерина, ние откриваме дека стоката, животните во Македонија се исложени на вирусот постојано. Тоа не е вирус кој се појавил годинава, бидејќи во тие истражувања некаде над 30 проценти од различните видови стока – овци, говеда, кози се со прележан, односно биле во контакт со вирусот. Меѓутоа немаме информации за хоспитализирани случаи предизвикани од овој вирус, што значи дека вирусот е тука, но можно е да е онаа поблага варијанта, која циркулира низ стоката, така што луѓето не стигнуваат до болница. Токму затоа еден од заклучоците и една од препораките е да направиме типизирање на варијантите на вирусот кои циркулираат за да знаеме колку ситуацијата е релативно опасна“,
изјави Петличковски.
Во однос на здравствената состојба на болничарката и велешанецот, кој вчера беше потврден како трет регистриран случај на заболен од вирусот на конго-кримска хеморагична треска, Петличковски рече дека и двајцата во моментот се во добра состојба.
„Болничарката е во сосем добра состојба. Размислувањето за неа е дека кризата е помината и се очекува комплетно опоравување. Третиот пацинет, рибарот од Велес е во добра состојба во моментот, меѓутоа има уште неколку дена во кои може да се случи промена. Се надеваме дека тоа нема да дојде и доколку дојде до влошување на состојбата, терапијата е тука, така што се надеваме на добар развој и тука“,
рече претседателот на Комисијата за заразни болести.
Инаку, денешниот состанок на Комисијата за заразни болести беше во проширен состав. Покрај членовите на Комисијата, на него присуствувале и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од Факултетот за ветерина и од центрите за јавно здравје од Штип и од Велес, од каде што потекнуваат овие случаи.
На состанокот беше присутен и министерот за здравство Фатмир Меџити кој, според соопштението од Министерството за здравство, кое го пренесува МИА, рекол дека бразата реакција на здравствени власти спречила експоненцијален раст на заразени од конго-кримска хеморагична треска.

Според министерот Меџити, здравствениот систем во државата навремено и соодветно одговорил на појавата на заразната болест, по детектирањето на првите случаи.
„Министерството за здравство и сите здравствени иституции навремено и професионално одговорија и со набавка на соодветна терапија, која и покрај реткоста, за 24 часа стигна во нашата земја“,
рекол Меџити.
Министерот за здравство посочил дека останува во редовна комуникација и консултација со Комисијата за заразни болести, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Инфективната клиника и доколку е потребно, ќе бидат предложени соодветни мерки за подигнување на степенот на превенција на уште повисоко ниво.