Двајца мигранти од Сирија, кои биле откриени во возот, на полицијата ѝ кажале дека дале 1 000 евра за да влезат во возот кој сообраќал од Гевгелија кон Скопје
Кондуктер во „Железници“ е осомничен дека шверцувал мигранти поради што вчера бил приведен од страна на полицијата, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Станува збор за 28-годишник од Скопје, кој бил фатен откако во патнички воз кој сообраќај на релација Гевгелија-Скопје, на железничката станица „Кукуричани“ кај Неготино, биле откриени двајца мигранти од Сирија кои во полиција кажале дека му дале 1 000 евра на кондуктерот за да влезат во возот. Потоа, на следната станица во Велес, кондуктерот бил приведен.
„Кај него биле пронајдени вкупно 1 000 евра за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело по член 418 – б од Кривичниот законик. Претходно, околу 18:30 часот, на Железничка станица ‘Кукуричани’, Неготинско, во патнички воз, кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ откриле две лица мигранти од Сирија. Во службен разговор во полициска станица тие изјавиле дека на кондуктерот му дале пари за да влезат во возот“,
соопшти МВР.
Кондуктерот бил задржан во полициска станица, а против него МВР во координација со јавен обвинител ќе поднесе кривична пријава.