Синоќа на Гумење дошло до инцидент помеѓу лица кои со коњаницa од скопско Лисиче пристигнале во Крушево.
Тепачката настанала помеѓу неколку лица кои биле дел од коњаницата и еден крушевчанец од друга страна.
Од полицијата го потврдуваат инцидентот и велат дека кај нив е регистриран околу 2 часот утрово.
За да се смири состојбата, полицаец испупал предупредувачки куршум во воздух.
„На 01.08.2020 во 02.05 часот е пријавено дека на Гумење во Крушево дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.К.(33) од Крушево од една страна, и Х.Ј.(18), Ј.Ѓ.(22), А.Н.(19), Б.Ј.(41) и 16 годишен малолетник сите од Скопје (биле дел од групата која дошла со коњицата од скопско Лисиче) од другата страна, при што заради спречување на физичката пресметка, полициски службеник од Полициска станица Крушево од службениот пиштол испукал еден предупредувачки куршум. Полициски службеници од Полициска станица Крушево излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
За инцидентот се огласи и градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, кој ја прозва дури и Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, која беше разрешена од позицијата техничка министерка за труд и социјална политика. Тој ја праша, дали лицата се дел од коњаницата од чиј дел е и таа.
„Дали Рашела Мизрахи со нејзините приврзаници, дел од коњаницата синоќа во Крушево дивееле и стварале немир врз мирољубивото население во Крушево? И покрај тоа што им беше укажано да останат во своето престојувалиште на,’Гумења‘ моите информации говорат дека после повеќе нарушувања на ЈРМ со карање, физички напади, меѓусебни тепачки, групирања, забави, а со тоа и непочитување на мерките, препораките и протоколите, реагирала полицијата за што се преземени соодветни мерки против сторителите. Зарем на овој начин со сквернавење на празникот ги почитувате нашите илинденци и дали на ваков начин им се оддолжувате за нивната борба за слобода? Дали ќе се оградите и ќе ги демантирате или барем осудите ваквите наводи?“,
напиша Христоски на Фејсбук.