Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали на поразот влијаел и „поданичкиот однос кон ДУИ“, генералниот секретар одговори потврдно
Одговарајќи на прашањето зошто СДСМ доживеа тежок пораз на парламентарните избори одржани на 8 мај минатата година, новиот генерален секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, вели дека причините се комплексни и дека не може да се издвои една.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали на поразот влијаел и „поданичкиот однос кон ДУИ“, генералниот секретар одговори потврдно.
„Апсолутно, тоа е една од темите кои ги разговараме во партијата и една од темите за коишто имаме одреден став, меѓу коишто е поданичкиот однос, односно таа некоја политика којашто се водела во минатото со ДУИ. Вниманието кон членството, односот кон членството, тие се причини коишто ги имаме детектирано и тие се причини за коишто ние знаеме и кажуваме дека сме ги научиле грешките. Да, не сакаме да се навраќаме на минатото, но мораме да ги знаеме грешките со цел во иднина да не ги повторуваме“,
изјави Димитријевиќ.
Генералниот секретар беше прашан дали меѓу причините е и корумпипраноста на дел од поранешните функционери, а тој одговори дека треба да се остави на системот да го докаже тоа.
„Јас не би навлегувал во нешто што не е моја работа, но сè што е процес, со пресумпција на невиност… Само сме против тоа да бидат јавно линчувани луѓето без притоа да има постапка во којашто ќе имаат право на фер докажување“,
рече тој.
Коментирајќи го случајот со бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, генералниот секретар на СДСМ рече дека се работи за заемен договор на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Јасна е тенденцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на Артан Груби, на ДУИ во тоа што се случи. Значи, имаме докази дека тие го пуштија Груби да излезе од Македонија. Треба да одговорат каде е. Каде е и зошто не се процесуираше тој случај“,
изјави Димитријевиќ.
Александар Саша Димитријевиќ беше избран за генерален секретар на СДСМ во ноември минатата година, како кадар на Општинската организација од Гази Баба.